среда, 9 април 2025

Француски и британски генерали се сретнаа со Зеленски во Киев

Началниците на генералштабовите на вооружените сили на Франција и Велика Британија, генерал Тиери Буркхарт и адмиралот Ентони Радакин, во Киев се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Тие се состанаа за да разговараат за можното распоредување на европските мировни сили во Украина по прекинот на непријателствата.

Ова го соопшти Буркхарт на платформата Икс, наведувајќи дека се сретнал и со министерот за одбрана Рустем Умеров и врховниот командант на вооружените сили Александар Сирски.

Буркхарт истакна дека целта на состанокот е „да се утврди долгорочна стратегија за обнова и трансформација на моделот на (украинската) армија“, што е главната гаранција за безбедноста на земјата.

Тој нагласи дека се разгледуваат опции за спроведување меѓународни безбедносни гаранции за Украина.

„Заедно се стремиме да гарантираме стабилен и траен мир во Украина – неопходен услов за безбедноста на европскиот континент“, изјави Буркхарт.

Заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател Павло Палиша изјави дека 10 до 12 земји се подготвени да се приклучат на „Коалицијата на подготвени“ во некоја форма, пренесе Укринформ.

На 27 март во Париз се одржа состанок на „Коалиција на подготвени“, а главна тема на состанокот беше продолжувањето на помошта за Украина и дискусијата за структурата на идните безбедносни гаранции за Украина по завршувањето на војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ