недела, 14 декември 2025

Француската армија го напушта Сенегал, заминува од Западна и Централна Африка

Француската армија вчера го заврши своето трајно воено присуство во Западна и Централна Африка, со свечена и историска церемонија во Дакар, каде што официјално му ги предаде своите последни две воени бази на Сенегал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Француското повлекување почна последниве години, а регионот Сахел се соочува со зголемени и мошне смртоносни џихадистички напади во Мали, Буркина Фасо и Нигер.

Церемонијата на предавање се одржа вчера во Дакар, главниот град на Сенегал, во кој имаше француски сили од независноста во 1960 година.

Симболичното предавање на клучевите од Кампот Жеј, најголемиот француски воен објект во Сенегал, и француската воена воздухопловна база на аеродромот во Дакар, се одржа помеѓу началникот на Генералштабот на сенегалската армија, генерал Мбаје Сисе, и генералот Паскал Јани, началник на Командата на француската армија за Африка.

Од 2022 година, француската војска го заврши своето трајно присуство во Мали, Буркина Фасо, Нигер, Чад, Брегот на Слоновата Коска и Габон.

По стекнувањето независност, Сенегал остана еден од најдоверливите африкански сојузници на Франција, поранешната доминантна колонијална сила во Западна Африка.

Сепак, новите лидери, на власт од април 2024 година, ветија дека ќе се однесуваат кон Франција како кон рамноправен партнер, во име на обновениот суверенитет.

Сенегалскиот претседател Басиру Диумаи Феј во ноември 2024 година изјави дека присуството на сите француски и други странски воени сили треба да биде укинато до крајот на 2025 година.

„Сенегал е независна земја, суверена земја, а суверенитетот не дозволува присуство на воени бази во суверена земја“, рече Феј, додавајќи дека ова не е чин на „прекин“, туку ново партнерство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ