петок, 23 јануари 2026

Франција покрена истрага за танкер, се сомничи дека превезувал руска нафта (ВИДЕО)

Танкерот со назив „Гринч“ допловил од Мурманск на северозападот на Русија и се сомничи дека е дел од санкционираната руска тајна флота; по неговото пресретнување од страна на француската морнарица, бил пренасочен кон сидриште.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Франција денеска покрена истрага за нафтен танкер што морнарицата на таа земја го пресретна во Средоземно Море, а за кој постои сомнеж дека превезувал руска нафта, со што ги прекршил санкциите против Москва, соопштија обвинителите.

Танкерот со назив „Гринч“ допловил од Мурманск на северозападот на Русија и се сомничи дека е дел од санкционираната руска тајна флота; по неговото пресретнување од страна на француската морнарица вчера, бил пренасочен кон сидриште.

Обвинителите во Марсеј денеска соопштија дека го истражуваат наводниот пропуст на бродот да ја потврди својата националност.

Се верува дека Русија користи таканаречена флота во сенка со повеќе од 400 бродови за да ги заобиколи санкциите поради војната во Украина, а Франција и уште неколку европски земји ветија дека ќе преземат мерки против тој план на Москва.

Флотата главно ја сочинуваат стари бродови со нетранспарентни обележја, со адреси во земји што не вовеле санкции против Русија.

Француската морнарица во септември минатата година пресретна уште еден нафтен танкер кај брегот на Атлантски Океан, кој претседателот Емануел Макрон го поврза со истата флота во сенка, што подоцна беше осудено од претседателот на Русија, Владимир Путин.

На капетанот на тој брод ќе му се суди во февруари поради наводното одбивање на екипажот да соработува, според соопштението на француските правосудни власти.

Француската морнарица денес објави снимка од акцијата.

Француската мисија била спроведена во соработка со Обединетото Кралство, кое собрало и споделило разузнавачки податоци што го овозможиле пресретнувањето, наведоа француски воени претставници што за Асошиејтед прес зборувале под услов на анонимност.

Според нивните зборови, бродот пловел под лажно знаме на Коморските Острови, архипелаг долж источниот брег на Африка, а екипажот бил индиски. Бил пресретнат во западниот дел на Средоземно Море, недалеку од јужниот шпански крајбрежен град Алмерија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ