недела, 14 декември 2025

Франција ја призна Палестина

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва во своето обраќање во Обединетите нации потврди дека Франција официјално ја признала палестинската држава. Со тоа, таа им се придружи на голем број земји кои донесоа иста одлука во последните недели, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Канада и Австралија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Макрон пред објавата изјави дека е „време да се запре војната во Газа“ и да се ослободат преостанатите 48 заложници кои сè уште ги држи Хамас. „Светот е само неколку моменти оддалечен од губењето на својата шанса за мир. Не можеме повеќе да чекаме“, порача тој.

Тој го осуди упадот на Хамас од 7 октомври 2023 година, но истакна дека „ништо не го оправдува продолжувањето на војната“ и дека „сè налага“ таа дефинитивно да оконча. Макрон повика на мир врз основа на решението за две држави кои живеат една до друга.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше остро, велејќи дека признавањето дава „огромна награда за тероризмот“ и дека палестинска држава „нема да се случи“.

Палестинските власти, од друга страна, објавија дека решението за две држави сега е на „неповратен пат“. Од 193-те членки на ОН, 153 сега ја признаваат Палестина, што е речиси 80 отсто.

Британија го предупреди Израел да не анектира делови од Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската државност.

Се очекува неколку други европски земји да го следат примерот на Франција, додека Германија, Италија и Соединетите Американски Држави веќе изјавија дека нема да го сторат тоа.

Според министерството за здравство контролирано од Хамас, во израелските напади се убиени 61 лице во последните 24 часа. Така, бројот на убиени лица во Газа од 7 октомври 2023 година се искачи на 65.344.

Израел ја почна својата воена кампања откако Хамас упадна на југот на земјата, при што, според Тел Авив, беа убиени околу 1.200 лица, а 251 лице беа одведени во заробеништво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ