петок, 6 март 2026

Франција им дозволи на американските авиони да ги користат нејзините бази на Блискиот Исток

Франција „привремено“ им дозволи на американските авиони и други видови летала да ги користат нејзините бази на Блискиот Исток, каде што се води војната која ја почнаа Соединетите Американски Држави и Израел против Иран, изјави за Франс прес францускиот генералштаб.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Како дел од нашите односи со САД, присуството на нивните авиони е привремено одобрено во нашите бази“ во регионот, изјави портпаролката на генералштабот, потврдувајќи ја веста објавена од новинскиот канал ЛЦИ. „Овие летала придонесуваат за заштита на нашите партнери во Заливот“. Терминот летала ги вклучува сите видови воздухоплови, особено хеликоптерите.

Франција зазеде „строго одбранбен“ став од почетокот на конфликтот, според претседателот Емануел Макрон, кој во вторникот вечерта најави распоредување на значителни воени средства, вклучувајќи го и носачот на авиони Шарл де Гол, во источниот Медитеран.

Францускиот претседател, кој оцени дека нападот што го почнаа САД и Израел во саботата се спроведува „надвор од рамките на меѓународното право“, нагласи дека Париз мора „да преземе мерки за сопствената безбедност, безбедноста на своите граѓани и своите бази, како и безбедноста на своите сојузници во регионот“.

Франција, меѓу другото, е обврзана со одбранбени договори со Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.

Иран нападна две француски бази во Емиратите, но не е познато дали тоа било намерно, изјави француската министерка за одбрана Катрин Вотрин на радио РТЛ во четвртокот.

Министерката рече дека шест авиони „рафал“ пристигнале во Емиратите како засилување.

Спротивно на најавите на Емануел Макрон, француската левичарска опозиција предупреди на ризикот Франција да биде вовлечена во конфликтот.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој беше остро критикуван од американскиот претседател Доналд Трамп за наводна несоработка, во средата изјави дека „американските авиони оперирале од британски бази“.

Шпанија, од друга страна, категорично одби таква логистичка помош за американските авиони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ