Синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Ерик Трамп, станал десет пати побогат откако неговиот татко повторно беше избран за претседател, а најмногу придонела трговијата со криптовалути, пишува Форбс.
Како што се наведува, благодарение на тоа тој во почетокот на септември се нашол на Форбсовата листа на милионери.
Ерик Трамп веќе девет години ја води фирмата на својот татко, и не поседува удел во ниту една од недвижнините по кои е позната Трамп организацијата, но презел удел во Американ биткоин, компанија што рудари и држи криптовалути.
Кон крајот на септември компанијата имала 3.418 биткоини на располагање, вредни околу 320 милиони долари по денешните цени, а имајќи ја предвид пазарната капитализација на Американ биткоин, која сега изнесува повеќе од две милијарди долари, Ериковиот удел од 7,3 проценти се проценува на околу 160 милиони долари.
Исто така, наведува Форбс, Ерик Трамп има удел и во Ворлд либерти фајненшл, која неговиот татко ја покренал заедно со Ерик, Доналд Трамп Јуниор и Барон непосредно пред изборите минатата година, што му донело 135 милиони долари.
Како што се наведува, во комбинација со неколку други нови средства, двата крипто-потфати ја зголемиле Ериковата нето-вредност десет пати повеќе отколку што била пред да се врати Трамп во Белата куќа.
Кога Форбс во средината на септември ја проценил вредноста на семејството Трамп како дел од годишната листа Форбс 400, Ерик вредел околу 750 милиони долари, од кои околу 500 милиони долари бил неговиот удел во Американ биткоин, кој сега е драматично помал, но сепак го прави значително побогат од минатата година.
Пред да почне да заработува од криптовалути, Форбс проценил дека тој примал плата од речиси три милиони долари годишно и акумулирал над 30 милиони долари ликвиден имот, од кој, со текот на годините, дел вложил во недвижнини, па денес поседува куќа од седум милиони долари на Флорида, пентхаус од четири милиони долари на Менхетн и уште две други недвижнини во Њујорк.
Имајќи предвид дека неговиот татко се врати на врвот на американската политика, Ерик профитирал од обновениот странски интерес за соработка со Трамповата организација, па така минатата година заработил околу 3,2 милиони долари од нови лиценцни договори во Дубаи, Саудиска Арабија и Виетнам, а финансиските извештаи на неговиот татко за оваа година несомнено ќе покажат уште повеќе благодарение на неодамна објавените зделки во Катар, Индија, Романија и на Малдивите.
Форбс ја проценува вредноста на Ериковиот бизнис со лиценцирање и управување на околу 34 милиони долари.
Весникот наведува и дека тој има најголемо богатство од сите деца на Трамп.






