„Остануваме подготвени да продолжиме да работиме кон постигнување договор до 1 август. Во исто време, ќе ги преземеме сите потребни чекори за заштита на интересите на ЕУ, вклучително и преземање пропорционални контрамерки доколку е потребно.“
Трамп денес објави дека од 1 август, царини од 30 проценти ќе важат за повеќето стоки од ЕУ увезени во Соединетите Држави. Истиот процент ќе важи и за Мексико.
„Со години разговаравме за нашите трговски односи со Европската Унија и заклучивме дека мора да се оддалечиме од овие долгогодишни, големи и постојани трговски дефицити“, напиша Трамп во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен од петокот, кое денес го објави на социјалната мрежа Трут соушл.
Претседателката на Комисијата нагласи дека „малку економии во светот можат да се споредат со нивото на отвореност и почитување на практиките за фер трговија на Европската Унија. ЕУ постојано даваше приоритет на договорено решение со Соединетите Американски Држави, што ја одразува нашата посветеност на дијалог, стабилност и конструктивно трансатлантско партнерство“, рече претседателката на Комисијата.
Таа додаде дека царините од 30 проценти за увоз на стоки од ЕУ значително ги нарушија трансатлантските синџири на снабдување, на штета на бизнисите, потрошувачите и пациентите од двете страни на Атлантикот. Исто така, се вели дека Комисијата продолжува да ги продлабочува глобалните партнерства со други земји врз основа на принципите на меѓународна трговија базирана на правила.






