Европратениците од крајната десница во Европскиот парламент тврдат дека обезбедиле доволно поддршка за својот предлог со кој бараат оставка на Комисијата откако судот на ЕУ ја прогласи Фон дер Лаен за одговорна за прикривање информации за договори за купување вакцини против ковид-19 во периодот 2021-2023 година.
Иако Фон дер Лајен веројатно ќе го преживее гласањето, кое би можело да се одржи следниот месец, таа ќе биде принудена да направи повеќе компромиси и со левицата и со десницата за да ја обезбеди нивната поддршка.
Романскиот европратеник од крајната десница, Георге Пипереа, изјави за Фајненшл тајмс дека ќе го поднесе предлогот во четврток откако ќе собере повеќе од потребните 72 потписи.
„Иницијативата во суштина се однесува на одржувањето на транспарентност и обезбедување фер и вистински демократски процес“, кажа тој.
Иако прагот за иницирање гласање за недоверба е низок, за отстранување на Фон дер Лајен и нејзината комисија би биле потребни повеќе од две третини од пратениците во Европскиот парламент. Собранието има 720 членови, а 401 гласаа за таа да стане претседателка пред една година.
Судот на ЕУ одлучуваше дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одбила да ја објави содржината на телефонскиот разговор меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на компанијата Фајзер, Алберт Бурл, кога се преговарал договорот од повеќе милијарди евра за вакцините против ковид.