Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот воведе забрана за влез за пет европски државјани, кои ги обвинува за ограничување на слободата на говорот и за прекумерна регулација на американските технолошки гиганти. „Слободата на говорот е темел на нашата силна и жива европска демократија. Горди сме со неа. Ќе ја штитиме“, изјави Фон дер Лаен на платформата Икс.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека одлуката на Вашингтон е „неприфатлива меѓу сојузници, партнери и пријатели“. „Европската Унија цврсто стои во својата одбрана на слободата на изразување, праведните дигитални правила и својот регулаторен суверенитет“, порача Кошта на Икс.
Забраната за влез најверојатно дополнително ќе ги влоши разликите меѓу Вашингтон и некои европски престолнини по прашања како слободата на говорот, одбраната, имиграцијата, крајната десница, трговијата и руско-украинската војна.
До воведувањето на забраните дојде неколку недели откако САД ја објавија својата стратегија за национална безбедност, во која предупредуваат дека на Европа ѝ се заканува „цивилизациско бришење“ и дека мора да го смени курсот доколку сака да остане доверлив американски сојузник. Одлуката на администрацијата на Трамп ја осудија и францускиот претседател Емануел Макрон, како и германското Министерство за правда.






