недела, 7 декември 2025

Фон дер Лаен на лидерите на ЕУ им испратила писмо со решенија за финансирање на Украина

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен испратила писмо до лидерите на земјите-членки во кое предлага три можни решенија за финансирање на потребите на Украина во следните две години. Првата опција е секоја земја-членка да обезбеди билатерална неповратна помош за Украина. Втората е заедничко задолжување на ниво на ЕУ, при што земјите-членки би морале да обезбедат правно обврзувачки, безусловни и неотповикливи гаранции за тој заем.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како трета опција фон дер Лаен предлага заем за репарација од 140 милијарди евра со користење на замрзнатите руски средства. Украина би морала да го врати тој заем само ако и откако Русија ќе ѝ плати воени репарации. Иако Урсула фон дер Лаен наведе три можни решенија, во пракса првите две се речиси невозможни со оглед на фискалната состојба во многу земји-членки.

Претседателката на Комисијата во писмото наведува дека првите две опции би го зголемиле фискалното оптоварување бидејќи финансиската помош би доаѓала или од директен монетарен придонес на земјите-членки или од свежи пари позајмени на финансиските пазари, што би вклучувало трошоци за камата, додека третата опција нема да предизвика дополнителни трошоци, ново задолжување, ниту пак би влијаела на националните каси.

Фон дер Лаен во писмото наведува дека во 2026 и 2027 година на Украина ќе ѝ бидат потребни 83,4 милијарди евра за потребите на украинската армија и 52,3 милијарди за стабилизирање на економијата и покривање на буџетскиот дефицит, што вкупно изнесува 135,7 милијарди евра. Лидерите на земјите-членки треба да донесат одлука за помош за Украина на нивниот следен самит на 18 и 19 декември.

На последниот самит на 23 октомври, тие побараа од Европската комисија што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка за Украина за следните две години, додека прашањето за користење на замрзнатите руски средства остана отворено поради противењето на Белгија, каде што се наоѓаат поголемиот дел од замрзнатите руски средства.

Белгија сака цврсти гаранции дека другите членки ќе го споделат ризикот со неа во случај на евентуална арбитражна одлука дека парите мора да ѝ бидат вратени на Русија. „Европскиот совет се обврзува да ги реши итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори“, се наведува во текстот, кој беше поддржан од 26 земји-членки на ЕУ на последниот самит, од сите освен од Унгарија.

Во своето писмо до шефовите на државите Фон дер Лаен вели дека „јасно е дека нема едноставни решенија, но дека Европа не може да си дозволи парализа, ниту со двоумење ниту со барање совршени или едноставни решенија кои не постојат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ