сабота, 26 јули 2025

Фон дер Лаен: Кина ја овозможува руската воена економија, тоа не можеме да го прифатиме

Европската Унија сака да ги врамнотежи економските односи со Кина, да ја намали зависноста и да соработува во решавањето на глобалните прашања и бара од Пекинг да престане да ја поддржува руската воена економија, изјави денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Првиот приоритет на кој треба да се фокусираме е балансирањето на нашите економски односи со Кина“, изјави фон дер Лаен во дебатата во Европскиот парламент пред самитот ЕУ-Кина, кој ќе се одржи на крајот на овој месец во Пекинг. Претседателката на Европската комисија истакна дека Кина има најголем трговски суфицит во историјата на човештвото, а во трговијата со ЕУ минатата година трговскиот суфицит изнесувал 300 милијарди евра.

Во исто време, за европските компании е сè потешко да работат во Кина. „Нашите производи се систематски дискриминирани во јавните набавки поради политиката на Пекинг „купувај кинеско“. Производите и услугите произведени во Кина автоматски имаат ценовна предност од 20 отсто на јавните тендери. Тоа едноставно не е фер“, оцени Фон дер Лаен.

Таа го критикуваше владиното субвенционирање на прекумерниот производствен капацитет во Кина, што ги преплавува глобалните пазари и ја задушува конкуренцијата. „Кина не може да се потпре на извозот за да ги реши своите домашни економски предизвици“, смета Фон дер Лаен.

Друг приоритет за ЕУ ​​е да се забрза намалувањето на ризикот од зависност од Кина, која својата доминација во производството на ретки метали, магнети и друго ја користи како економски лост. „Намалувањето на ризикот е едноставно прашање на европска независност“, кажа претседателката на ЕК.

Фон дер Лаен ја критикуваше поддршката на Кина за Русија и руската воена економија. „Кина де факто ја овозможува воената економија на Русија и ние не можеме да го прифатиме тоа. Секогаш велев дека начинот на кој Кина се однесува кон војната на (рускиот претседател Владимир) Путин ќе биде одлучувачки фактор за односите ЕУ-Кина“, порача Фон дер Лаен.

Според неа, има недоследност во однесувањето на Пекинг, кој тврди дека го брани меѓународниот поредок заснован на правила, а не го осудува грубото кршење на украинскиот суверенитет, територијален интегритет и меѓународно признатите граници од страна на Русија. Кина, исто така, тврди дека се залага за мултилатерализам и не ги почитува правилата и принципите на меѓународната трговија утврдени во Светската трговска организација.

ЕУ, исто така, сака да соработува со Кина во областа на заштитата на климата. Кина е најголемиот емитер на штетни гасови, сочинувајќи 30 отсто од глобалните емисии, но во исто време инвестира огромни средства во чиста енергија, што претставува една четвртина од нејзиниот економски раст. Кина инвестираше над 900 милијарди долари во чисти технологии, повеќе од САД, ЕУ, Јапонија и Индија заедно.

Повеќето претставници зборуваа за потребата од намалување на зависноста од Кина, особено кога станува збор за ретки метали. Некои десничарски претставници, како оние од полската партија Право и правда ја критикуваа Фон дер Лаен за Зелениот план, истакнувајќи дека ЕУ е одговорна само за 7 отсто од емисиите на штетни гасови, а Кина за 30 проценти.

„Госпоѓа Фон дер Лаен сака да ја спаси планетата со нашите пари. Ова е лудило кое мора да престане, а ние, републиканците, луѓето со здрав разум ќе го запреме ова лудило“, кажа Доминик Тарчински, претставник на ПиС од групата европски конзервативци и реформисти.

Оваа година се одбележува педесетгодишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу ЕУ и Кина. За тие 50 години, бруто-домашниот производ на Кина се зголеми за повеќе од десет пати. Некогаш земјоделската земја стана индустриски гигант и лидер во чистите технологии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ