ЕК следниот месец ќе го објави законодавниот предлог за забрана на нови договори и прекин на постоечките краткорочни договори за испорака на гас преку гасоводи и течен гас со руски претпријатија кој би стапил на сила до крајот на 2025 година. Со тоа за една третина ќе се намали снабдувањето со руски гас уште до крајот на оваа година.
Потоа во следните две години постепено би се намалувал увозот на руски гас и до крајот на 2027 ЕУ дефинитивно би престанала да биде зависна од рускиот гас. „Сега е времето Европа целосно да ги прекине своите енергетски врски со несигурниот доставувач. Со енергијата која доаѓа на нашиот континент не би требало да се плаќа агресивната војна против Украина. Тоа им го должиме на нашите граѓани, на нашите претпријатија и на нашите храбри украински пријатели“, кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.
ЕУ од почетокот на конфликтот во Украина значително го намали увозот на руски гас преку гасоводи. Во 2021 45 отсто од потрошениот гас во Европа бил од Русија, а во 2024 тоа било намалено на 19 отсто. Од друга страна, ЕУ продолжи да увезува течен руски природен гас. Оваа година се очекува брз раст на снабдувањето со течен гас, додека побарувачката на гас од гасоводи ќе се намалува.
Со целосното спроведување на рамката за енергетска транзиција и Акцискиот план за достапна енергија, се очекува ЕУ до 2040 да замени до 100 милијарди кубни метри природен гас, што значи намалена побарувачка за 40-50 милијарди кубни метри до 2027 година.
Истовремено се очекува капацитетите за течен гас да се зголемат за околу 200 милијарди кубни метри до 2028, што е пет пати повеќе од моменталниот увоз на руски гас во ЕУ. Комисијата ќе се труди во соработка со државите членки на ЕУ да обезбеди укинувањето на увозот на руска енергија да помине постапно и координирано.
Од државите членки ќе се бара до крајот на годината да подготват национални планови во кои ќе наведат како ќе придонесат на постепеното укинување на руските гас, нафта и нуклеарна енергија.