понеделник, 9 март 2026

Фон дер Лаен ги изнервира европските влади: си го пречекорила мандатот во иранската криза

Европските влади се иритирани поради, како што велат, потегот на Урсула фон дер Лаен да се позиционира како главен претставник на Европската Унија во странство, и тврдат дека во првите денови од американско-израелската кампања против Иран таа го пречекорила својот мандат, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во разговори со Политико, девет дипломати, функционери на Европската Унија и пратеници од мали и големи европски земји ја критикувале, како што велат, преголемата дипломатска активност на претседателката на Европската комисија. Незадоволството од нејзиното справување со иранската криза се надоврзува на претходни критики за други прашања од надворешната политика, вклучително и обидите на Комисијата да го забрза влезот на Украина во Европската Унија и пристапот на Фон дер Лаен кон „Одборот за мир“ на Доналд Трамп.

Додека конфликтот на Блискиот Исток влегува во втората недела, Европската Унија се мачи да зборува едногласно. Неколку влади се незадоволни што Фон дер Лаен, како што велат, ја презема улогата што вообичаено ѝ припаѓа на шефицата на европската дипломатија Каја Калас — која треба да ги претставува 27-те престолнини. Во првите денови од кризата, Фон дер Лаен сигнализираше поддршка за промена на режимот во Техеран и одржа најмалку десетина разговори со лидери од Европската Унија и од земјите од Персискиот Залив. Таа повеќепати зазела јавни позиции што одат многу подалеку од консензусот меѓу членките на блокот, велат нејзините критичари.

„Имав чувство дека халуцинирам… гледајќи како Урсула фон дер Лаен им се јавува на лидерите на земјите од Персискиот Залив“, изјави Натали Лоазо, центристичка француска пратеничка во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. „Таа нема дипломатска служба, зборува без мандат и без разузнавачки информации. Нејзините зборови немаат вредност надвор од нејзината лична изјава.“

Според дипломатите што разговарале со Политико, задачата за координирање на надворешната политика на Европската Унија ѝ припаѓа на Каја Калас, чија улога е да комуницира со престолнините и да формулира заедничка позиција — дури и ако тоа често е бавен и тежок процес. Тие предупредуваат дека Фон дер Лаен ризикува да создаде конфузија во односите со остатокот од светот.

„Проблемот е што претседателката излегува со идеи и на некој начин ја обврзува Европската Унија без претходно да ги консултира земјите“, изјави висок дипломат на Европската Унија вклучен во надворешнополитичките разговори. „Таа кажува работи што не се во нејзиниот мандат.“

Овие тензии ќе бидат во заднината на денешната конференција на амбасадорите на Европската Унија во Брисел, каде што и Фон дер Лаен и Калас треба да одржат главни говори.

Комисијата ги отфрли обвинувањата, велејќи дека Фон дер Лаен ја извршува својата работа како што треба. Таа покажува „политичко лидерство во надворешните политики на Комисијата“ во согласност со договорите на Европската Унија, рекол портпаролот на Комисијата.

„Комуникацијата со светските лидери е составен дел од одговорностите на претседателката Фон дер Лаен — било билатерално, мултилатерално или во рамките на иницијативи предводени од Европската Унија, како што е настанот Глобална порта“, додал портпаролот.

Според него, формалната позиција на Европската Унија за војната со Иран не ја формулирала Фон дер Лаен, туку Каја Калас во изјава координирана со 27-те земји членки пред една недела. „Таа изјава ја одразува позицијата на Европската Унија“, рече портпаролот.

„Претседателка на Европа?“

Трансформацијата на Фон дер Лаен во најмоќната фигура во Европската Унија — со статус споредлив со претседатели и премиери — се развива речиси седум години.

Поранешната германска министерка за одбрана ја водеше Европската Унија низ низа кризи — од пандемијата на ковид, преку руската инвазија на Украина, до трговските спорови со американскиот претседател Доналд Трамп.

Во многу од тие ситуации европските лидери изразуваа благодарност што таа презела водечка улога.

„Ретко се слушаат критики кон Фон дер Лаен кога станува збор за Украина“, рекол еден дипломат од средно голема земја членка. „Тоа е затоа што повеќето земји од Европската Унија се усогласени во поддршката за Украина и тоа речиси се гледа како внатрешно прашање.“

Дипломатите изразиле поддршка за работата на шефицата на европската извршна власт како кризен менаџер, пофалувајќи ја за координирањето на поддршката за Украина против Русија и за управувањето со напнатите трговски односи со САД.

Проблемите, велат тие, се појавиле кога станува збор за чувствителната политика на Блискиот Исток или кога позицијата на Комисијата за проширувањето на Европската Унија се доживува како притисок врз владите да се согласат пред да бидат подготвени.

Дипломатите што разговарале со Политико тврдат дека низата пораки на Фон дер Лаен на социјалните мрежи и нејзините разговори со лидерите од Персискиот Залив формално не ја претставуваат надворешната политика на Европската Унија. Критичарите исто така се скептични што всушност може да им понуди Фон дер Лаен на земјите од Заливот, кои се под ракетни и беспилотни напади од Иран, имајќи предвид дека таа нема воени средства и нема мандат да ја обликува надворешната политика на Унијата.

„Што точно ветува кога вели дека ќе ги поддржиме?“, прашува Лоазо. „Кои сме ‘ние’? Засега поддршката се францускиот носач на авиони Шарл де Гол, борбени авиони рафал во Абу Даби и одбранбени договори со некои земји.“

„Она што го гледаме е играње улоги без реална содржина“, додава Лоазо, која припаѓа на центристичката партија на францускиот претседател Емануел Макрон. Фон дер Лаен е членка на десноцентристичката Европска народна партија, како и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Особено незадоволство предизвика изјава во која Фон дер Лаен се чинеше дека поддржува промена на власта во Иран, што ги иритираше земјите од Европската Унија што се поблиску до критичниот став на шпанскиот премиер Педро Санчез кон американско-израелските воздушни напади.

Земјите од Европската Унија се поделени околу тоа како да реагираат на конфликтот. Иако на 1 март постигнаа консензус околу заедничка изјава за војната, десет земји на итниот состанок на министрите за надворешни работи побарале посилно повикување на меѓународното право.

Некои земји сметаат дека изјавите на Фон дер Лаен не го одразуваат тој деликатен баланс.

„Ние во Европа треба да бидеме светилник на меѓународното право“, рекол четврти дипломат. „Но сега таа нè вовлече во позиција за промена на режимот. Чија позиција е тоа? Не наша.“

Портпаролот на Комисијата, пак, изјави дека земјите од Персискиот Залив биле „благодарни“ за „проактивната“ дипломатска активност на Фон дер Лаен во последните денови.

„Тоа не е она што го сакаме“

Во Париз, најголемо незадоволство предизвика одлуката на Фон дер Лаен да ја испрати европската комесарка за Медитеранот Дубравка Шуица на првата седница на „Одборот за мир“ — тело предводено од Доналд Трамп со цел промовирање глобална стабилност. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро јавно ја критикуваше таа одлука.

„Како што и очекувавме, Трамп не направи разлика меѓу набљудувачи и полноправни членови“, изјави еден дипломат. „Тој го прикажа знамето на Европската Унија заедно со другите, создавајќи впечаток дека Европа ја поддржува оваа иницијатива. Тоа не е она што го сакаме.“

За да ги нагласи поделбите во Брисел, Каја Калас во меѓувреме се обидувала да координира заедничка позиција преку пораки до министрите за надворешни работи, повикувајќи ги да не учествуваат.

Комисијата ја бранеше одлуката, нагласувајќи дека присуството на Шуица не значи поддршка за иницијативата.

„Учеството на комесарката Шуица не може да се толкува како поддршка од Комисијата или од Европската Унија за Одборот за мир, ниту за исходот од состанокот или за евентуалните одлуки“, изјави портпаролот.

Напнатости и околу проширувањето

Начинот на кој Комисијата го турка проширувањето на Европската Унија исто така изнервирал некои престолнини.

Комесарката задолжена за ова прашање Марта Кос предложила низа идеи, меѓу кои и можност Украина да се приклучи на Унијата уште во 2027 година.

Тие идеи — изнесени на неформални брифинзи наместо како официјални предлози — ги налутиле владите, кои минатата недела реагирале на вечера со моќниот шеф на кабинетот на Фон дер Лаен, Бјорн Зајберт.

„Оваа вечера одамна требаше да се случи“, рекол дипломат од една голема земја членка. „Сите сакаме Украина да биде цврсто врзана за Европската Унија, но проширувањето мора да биде прифатливо за земјите членки. Постојат правила — и ние ги потсетуваме на тоа.“

Друг дипломат додал дека „Комисијата не ја прочитала добро атмосферата“.

На вечерата дипломатите порачале дека сакаат да се задржи принципот на проширување врз основа на заслуги и дека не ја поддржуваат идејата земји како Украина да се приклучат додека сè уште ги исполнуваат условите.

Функционер близок до Фон дер Лаен одговорил дека Комисијата не ја пречекорила својата улога, бидејќи не поднела формален предлог за промена на правилата.

Сепак, институцијата има обврска да размислува како процедурите можат да се приспособат на новата геополитичка реалност.

„Светот драматично се промени“, рекол тој.

Тивка борба за надлежности

Непријатноста околу надворешнополитичката активност на Фон дер Лаен доведе до речиси прикриени тензии со Каја Калас, отворајќи прашање кој што прави во Европската Унија, вели Политико.

„Треба да одлучиме дали сакаме институционална промена — дали сакаме да ѝ дадеме повеќе надворешнополитички функции на Комисијата“, изјави шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор. „Ако е така, треба свесно да го разгледаме тоа и да донесеме одлука.“

Иранската криза, обидите за забрзано приклучување на Украина и пошироките предизвици од вториот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа дополнително го засилуваат чувството на вознемиреност во некои европски престолнини.

„Потребен е разговор за надлежностите на Европската Унија во надворешната политика“, рекол еден дипломат од голема земја. „Меѓу високата претставничка, Комисијата и претседателството на Советот постои ризик од какофонија. Ќе дојде време ова прашање да се разгледа подлабоко.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ