„Разговаравме за руската војна на агресија против Украина. Се согласивме за потребата брзо да се намалат приходите на Русија од фосилни горива“, кажа таа, а пренесува Ројтерс.
Фон дер Лаен истакна дека Европската Унија го зголемува притисокот врз Москва преку забраната за увоз на руски течен гас (ЛНГ) на европските пазари, но и преку целни мерки против рафинериите и трговците со нафта во трети земји.
„До 2027 година Европа трајно ќе сврти нова страница кога станува збор за руските фосилни горива“, изјави претседателката на Европската комисија.
Според неа, на состанокот се разговарало и за „провокациите од Кремљ“, вклучувајќи, како што изјави, редовните упади на руски авиони во европскиот воздушен простор.
Таа претходно изјави дека сака Европа да престане да купува нафта од Русија до крајот на годината.
„Трамп е апсолутно во право. Работиме на тоа“, кажа таа, како што пренесе Ројтерс.
Денес, во говорот во ОН, Трамп ги повика европските земји „веднаш да престанат да купуваат руска енергија“ и најави разговори со лидерите на континентот на таа тема.
„Во случај Русија да не е подготвена да постигне договор за прекин на војната, Соединетите Американски Држави се целосно подготвени да воведат многу силен пакет царини, што верувам дека многу брзо би го запрело крвопролевањето“, кажа тој.
Сепак, за мерките да бидат ефикасни „Европските нации, сите вие собрани овде, би морале да ни се придружите во усвојувањето на истите тие мерки“, додаде тој.






