Таа по средбата со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто изјави дека Босна и Херцеговина неодамна ја доставила својата Реформска агенда.
„Сега сме ние на ред. Следниот чекор бара верификација за добивање на средствата. Планот за раст треба да отвори врата за една милијарда евра инвестиции во Босна и Херцеговина. Приоритет е меѓувладината конференција, а за таа да се одржи, мора да се донесат законите за правосудството“, кажа таа на прес-конференцијата.
Таа додаде дека мора да се назначи нов преговарач меѓу БиХ и ЕУ и дека домашните политичари треба да одлучат кој ќе биде тој.
„Мора да биде некој што има доверба од сите вас“, нагласи фон дер Лаен.
Таа истакна дека ЕУ е пријател на сите заедници во БиХ и дека иднината на таа земја е во ЕУ.
„Проширувањето на Унијата не е само политичко прашање, туку е пред сè прашање на срцето, волјата, гласот на народот и тоа мора да се почитува. Имам добри вести. Според анкетата на јавното мислење, 72 отсто од граѓаните на БиХ веруваат во ЕУ. Ако ја погледнеме помладата популација, оние на возраст од 15 до 39 години, две третини го поддржуваат проширувањето и тоа е најсилната порака до сите нас“, заклучи таа.
Претседавачката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто изјави дека донела одлука за преговарачот на БиХ со ЕУ, но не го објави неговото име.
„Ја информирав претседателката фон дер Лаен дека имав интензивни разговори со моите колеги, политички претставници во Босна и Херцеговина. Јас лично ја подготвив одлуката за поставување главен преговарач во Босна и Херцеговина и се надевам дека наскоро ќе ја објавиме на мислење со цел да ги исполниме оперативните и процедуралните обврски“, кажа Кришто.
Таа додаде дека Советот на министри испратил 17 закони со ознака на ЕУ во парламентарна процедура.
Претходно денес претседателката на Европската комисија се сретна и со членовите на Претседателството на БиХ.






