Хаканен во интервјуто кажа дека Кина внимателно ќе ја следи подготвеноста на Западот да остане на курсот на спротивставување на руската инвазија на Украина.
„Кина набљудува. Дали Западот има сила и отпорност, кога автократите и диктаторите мислат дека можат да војуваат уште една година, а на демократските земји ќе им здосади? Мораме да покажеме дека уште посилно го поддржуваме отпорот кон насилството. Тоа не е само во Украина. Тоа е против насилството, против војната и е сигнал и за Кина и за Индо-Пацифичкиот регион“, кажа Хаканен, оценувајќи дека секој недостаток од решителност би ја охрабрил Кина.
Тој смета дека ако Кина предизвика „некаков вид воен конфликт“, Русија на некој начин ќе биде вклучена во него.
„Сега гледаме дека Русија, со сопствените ресурси, не може да продолжи со ваков вид војување, но Кина многу ѝ помага. Дава многу пари за да ѝ помогне на руската економија, од извоз на енергија, до испраќање многу воени компоненти и индустриска соработка“, кажа Хаканен.
Тој верува дека завршувањето на војната во Украина бара пристап со три столба: построги санкции врз руската економија и извозот на енергија; посилна воена помош за Украина; и употреба на оружје со долг дострел за уништување на фабрики за беспилотни летала и ракети.
Хаканен ја пофали одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп од минатата недела да воведе санкции врз руските нафтени компании Росњефт и Лукоил, нарекувајќи го потегот одличен знак за решителноста на американскиот претседател во тригодишната војна во Украина.






