Финскиот министер изјави за Франс прес дека Кина „отишла толку далеку во ова“ што „сега масовно ги финансира воените напори на Русија“ во Украина.
„Русија не можеше долго време да води војна користејќи само свои ресурси. Индија, се разбира, обезбедува финансирање на други начини (индиректно), но Кина го прави тоа намерно“, кажа министерот по состанокот на нордиските министри во Хелсинки.
Њу Делхи придонесува во рускиот буџет со купување руска нафта, а, според Хаканен, Пекинг „ја снабдува Русија со воени компоненти, соработува со одбранбената индустрија и организира заеднички воени вежби и други активности од голем обем во регионите на Арктикот, Антарктикот, Индо-Пацификот и Европа“.
Ова е значаен предизвик за НАТО, рече тој, но верува дека западниот воен пакт би требало да може да го надмине.
Нордиските земји затоа ја јакнат својата воена соработка поради идните закани, а во исто време ги поддржуваат капацитетите на НАТО на неговиот северен дел, истакна министерот.
„Денес разговаравме за употреба на 250 борбени авиони од нордиските воздухопловни сили како обединета сила“, кажа Хаканен.
Финска, Шведска, Исланд, Норвешка и Данска размислуваат за тројно зголемување на производството на муниција и развој на коридори за мобилност на воена опрема во регионот.
Финска, која има граница од 1.340 километри со Русија, се приклучи на НАТО во 2023 година, една година по почетокот на конфликтот во Украина, со што ја заврши децениската воена неутралност.






