четврток, 26 март 2026

Финска пратеничка казнета поради изјава за хомосексуалноста

Пресудата на Врховниот суд предизвика критики и го отвори прашањето за границите на слободата на говорот.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Врховниот суд на Финска ја прогласи пратеничката Паиви Расанен за виновна за поттикнување омраза откако ја нарече хомосексуалноста „развојно нарушување“, во пресуда што предизвика критики од министри од крајната десница во владата и повторно ја отвори расправата за границите на слободата на говорот.

Расанен, лекарка и членка на партијата Христијански демократи, ги изнела тие тврдења во брошура која првпат била објавена во 2004 година, а потоа во 2007 повторно била објавена на веб-страницата на Фондацијата „Лутер“ во Финска и Финската евангелистичка мисионерска епархија.

Со тесно гласање три спрема два, Врховниот суд денес пресуди дека сторила кривично дело кога тој содржински материјал во 2019 повторно го објавила на Фејсбук и наредната година на својата веб-страница. Ѝ беше изречена парична казна од 1.800 евра. Судот оцени дека нејзиното тврдење дека хомосексуалноста е нарушување на психосексуалниот развој е неточна.

Расанен во овој случај имала поддршка од американската конзервативна правна организација Алијанс дефендинг фридом, која се обиде нејзиниот случај да го претстави како пример за цензура во Европа. Таа организација ја засили глобалната потрошувачка за судски спорови и други кампањи откако во САД успеа да ја поништи пресудата „Роу против Вејд“, со која беше заштитено правото на абортус, пренесува Гардијан.

Расанен изјави дека исходот е „шокантен“ и дека ќе размисли за жалба до Европскиот суд за човекови права. Пониските судови претходно ја ослободија од сите обвиненија.

Некои министри во финската влада од партијата на Расанен, како и од националистичката Партија на Финците, веднаш повикаа на заштита на слободата на говорот и измени на законот.

Министерката за правда Лена Мери оцени дека законот треба да се менува, наведувајќи дека Партијата на Финците долго смета дека прописите „не се доволно прецизни ниту предвидливи, како што тоа го бара начелото на законитост во кривичното право“.

„На граѓаните им е многу тешко да знаат што е забрането, а што дозволено“, рече таа.

Заменик-премиерката и министерка за финансии Рика Пура исто така повика на измени на законот, порачувајќи на социјалните мрежи дека „слободата на говорот денес претрпе сериозен удар“.

Државниот обвинител Ари-Пека Коивисто изјави за финскиот јавен сервис Иле дека станува збор за пресуда без преседан.

„Досега немавме ваква одлука во врска со кривичното дело поттикнување омраза“, рече Коивисто.

Премиерот Петери Орпо одби да ја коментира пресудата, порачувајќи дека политичарите не треба да коментираат судски одлуки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ