Според новите правила сите регрути, без оглед на чинот, ќе останат во резерва до 65 години. Досега, старосната граница за обичните војници беше 50 години, а за подофицерите и офицерите 60 години.
Законот носи и значајни промени за високиот команден персонал. Полковници, комодорите и офицерите со повисок чин ќе можат да бидат повикани во служба без горна старосна граница, под услов да се способни за тоа. Министерот за одбрана Анти Хаканен изјави дека во текот на петгодишниот транзициски период, се очекува големината на резервата да се зголеми за 125.000 членови, со крајна цел финските резервни сили да достигнат околу еден милион луѓе до 2031 година.
Овој потег на Финска доаѓа набрзо откако Фајненшл тајмс, повикувајќи се на доверлива проценка на НАТО, објави дека Русија можеби се подготвува за директна конфронтација со Европа во следните пет години. Финското Министерство за одбрана нагласи дека реформата ја проширува можноста на вооружените сили и граничната стража да може да повикаат искусен персонал во кризни ситуации.
„Заедно со сите други мерки за зајакнување на одбраната, ова испраќа порака дека Финска се грижи за својата безбедност сега и во иднина“, кажа министерот за одбрана Анти Хаканен.
На опасноста претходно предупредуваше генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој изјави дека ако Кина употреби воена сила, ќе изврши притисок врз својот помлад партнер Русија под водство на Путин, да ја окупира Европа. Затоа, Европа мора да биде подготвена за таков напад.






