сабота, 11 април 2026

Филипинците протестираат низ целата земја против корупцијата: Лути сме на крадците (ВИДЕО)

Десетици илјади Филипинци денеска излегоа на улиците низ Филипините за да го изразат револтот поради наводната корупција во наместените и неквалитетни владини проекти за контрола на поплавите во вредност од милијарди евра.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во Манила, протести се одржаа во паркот Лунета и кај споменикот на народната моќ на ЕДСА, кој го одбележува масовниот бунт со кој беше соборен починатиот татко на сегашниот претседател, Фердинанд Маркос Џуниор.

Фердинанд Маркос беше соборен од власт во 1986 година поради масовна корупција и кршење на човековите права.

Протестите во Манила – на кои, според организаторите, присуствувале приближно 130.000 луѓе – се најголемите протести на Филипините досега, а се одржаа поради скандалот што избувна откако Маркос нареди истрага за контроверзни проекти во јули, пренесува ДПА.

На почетокот на овој месец, сопствениците на градежната компанија обвинија речиси 30 пратеници и службеници на Одделот за јавни работи и автопати за прифаќање на готовински плаќања. Финансиските загуби се проценуваат на 118,5 милијарди пезоси (1,75 милијарди евра) помеѓу 2023 и 2025 година, според податоците на филипинското министерство за финансии.

Гринпис сугерира многу поголема бројка, поблиску до 15,3 милијарди евра, пишува Франс прес.

Некои од демонстрантите во паркот Лунета, чиј број се проценува на 80.000, се упатија кон претседателската палата Малакањанг, но беа спречени од полицијата која им го попречи патот со долг камион.

Група млади демонстранти со лица покриени со маски почнаа да фрлаат камења кон редовите на полицајците и да палат гуми од камиони, извикувајќи „За земјата!“

Во судирот беа повредени неколку лица, меѓу кои полицајци, демонстранти и новинари. Според полицијата, уапсени се најмалку 12 демонстранти, од кои многумина биле маскирани.

„Многумина се лути, јас сум тука со моето семејство и пријатели за да покажам дека сме меѓу оние кои се лути на крадците“, рече Рејмонд Мендрос, кој беше со своето семејство и пријатели на митингот во паркот Лунета.

„Навистина е фрустрирачко“, додаде тој. „Со количината пари издвоени за овие проекти, не би требало да има повеќе поплави, но сепак има!“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ