„Барам од ЕК да престане да игра политички игри и да не се преправа дека не е во можност да го убеди (украинскиот претседател Володимир) Зеленски да го пушти тимот експерти и да го врати протокот на нафта низ Дружба. Наместо тоа, се прави сè за да се спречи руските нафта и гас да течат во Европа“, кажа Фицо на прес-конференцијата со чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Словачкиот премиер потсети дека и Словачка и Унгарија се ослободени од санкциите за увоз на руски енергетски производи до 2027 година и дека можат легално да увезуваат нафта и гас од Русија, а го критикуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговите изјави дека на Украина не ѝ е во интерес Дружба да продолжи да функционира.
„Прекинувањето на испораките на нафта преку Дружба нема никаква врска со здравиот разум. Обновувањето на работата на Дружба е од витален интерес не само за Словачка и Унгарија, туку и за цела Европа. И наместо тоа, ние измислуваме некои други решенија. Сателитските снимки што ги имаме потврдуваат дека нафтоводот не е оштетен однадвор. Зеленски вели дека е оштетен под земја. Па, сателитот не го гледа тоа, но тогаш нека одат експертите и ќе видат колкави се оштетувањата, а ЕУ понуди да го финансира ремонтот“, кажа Фицо.
Словачкиот премиер ѝ кажа на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен да престане да му пишува „љубовни писма“ на Зеленски, додека ЕК ѝ се заканува на Словачка дека вовела двојни цени на горивата на бензинските пумпи за Словаци и за странци, наместо да го убеди Зеленски да ја обнови работата на Дружба затоа што, според Фицо, руските нафта и гас би го стабилизирале целиот енергетски пазар во централна Европа.
Додека премиерот Фицо ја критикуваше и Хрватска за тоа што не дозволува увоз на руска нафта и дека транзитот е претерано скап, чешкиот премиер Бабиш предупреди дека обновата на Дружба нема да значи само увоз на руска нафта, туку и, на пример, од Казахстан.
„Ако нафтата од Казахстан се испорачува во Германија преку северниот крак на Дружбата, можеби и Словачка би купила нафта од Казахстан да ѝ ја испорачаат преку јужниот крак“, го поддржа Бабиш барањето на Фицо наводно оштетениот нафтовод итно да се обнови.
Бабиш на прес-конференцијата нагласи дека е потребно сите решенија во оваа енергетска криза да не ги носат поединечни држави, туку тие да бидат договорени барем во регионот на централна Европа, и затоа е неопходен различен формат на тие разговори, во кои, покрај целата Вишеградска група, би биле вклучени и Германија и Австрија.
Роберт Фицо вети дека кога Словачка ќе го преземе претседателството со Вишеградската група, ќе ги покани германскиот и австрискиот канцелар заедно да ја решат енергетската криза.
Словачката и чешката влада ги обновија заедничките седници како израз на вонредните односи меѓу двете земји по паузата од 2023 година, кога претходната централно-десничарска чешка влада на тогашниот премиер Петр Фијала ги напушти поради несогласувања со владата на Фицо околу помошта за Украина.
Фицо денес изјави дека секој што го обвинува шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто дека е руски послушник поради помошта да се отстранат некои Руси од листата на санкционирани во Европската Унија, мора да ги обвини и сите 27 земји-членки на Унијата.
„Треба да се разјасни. За отстранување на лице од листата е потребно одобрение од 27 земји-членки. Не можете да обвините едно лице на тој начин, туку 27 држави. Ние не проблем таму каде што го нема. Ако 27-те земји-членки заклучат дека правниот случај е слаб, тогаш тие го изземаат лицето“, кажа Фицо.
По повод аферата со објавувањето на снимки од разговорот на Сијарто со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во кои унгарскиот министер ветува дека ќе помогне сестрата на олигархот Алишер Усманов да се отстрани од списокот на санкционирани лица, Фицо потсети дека Словачка прва го отворила прашањето за луѓето за кои постојат слаби правни аргументи, а сепак завршиле на списокот на ЕУ.






