Фицо еден ден откако Европската комисијата објави таканаречената мапа на патот за постепено окончување на зависноста од енергетските суровини од Русија, кажа дека „Словачка ќе биде меѓу земјите кои ќе бидат најмногу погодени“, пренесува словачкиот портал Актуалити.
Тој додаде дека владата на Словачка нема проблем со диверзификација на изворите на енергија, но дека новиот план е целосно спротивен со обврските на претходната Европска комисија.
„Ова е идеолошка одлука, нема никаква врска со здравиот разум“, кажа Фицо и додаде дека тоа е обид за „изградба на нова железна завеса“ меѓу Западот и Русија.
Европската комисија претстави план за постепено укинување на руските енергетски ресурси според кој, до крајот на 2027, државите членки треба целосно да прекинат со увозот на природен гас, кој сега е намален од првичните 45 отсто на 19 отсто.
Поединечните земји членки треба да претстават свои планови за прекин на увозот на енергетски суровини од Русија до крајот на оваа година, а Фицо најави дека Словачка ќе го искористи правото на вето при усвојувањето конкретни законски мерки.
Фицо предупреди на последиците од предвремениот раскин на долгорочните договори за увоз на гас од Русија.
Според него, државната компанија СПП има договори за увоз на руски гас до 2034 година, кои се поставени по системот „земји или плати“, што значи дека купувачот мора да плати дури и ако не троши гас.
Според словачкиот премиер, затоа постои ризик од судски спор со Газпром, кој го испорачува гасот.
„Со исклучувањето на рускиот гас, ќе станеме зависни од некој друг. Пред сè, од течниот гас од Соединетите Американски Држави“, истакна Фицо.