„Имаше разни обиди да нè згаснат. Без разлика дали стануваше збор за моја дискредитација, бев обвинет четири пати, бев на еден сантиметар од затвор. И покрај тоа, ги добивме изборите. На некои луѓе им е многу тешко да ги прифатат резултатите од демократските парламентарни избори, па атмосферата постепено се развиваше сè додека некој не рече дека ќе ги земе работите во свои раце и ќе ги реши“, рече Фицо во интервју за словачката телевизија TA3.
Фицо повтори дека, според познатите информации, напаѓачот бил лице блиско до опозициската Демократска партија и обвини одредени медиуми во Словачка за ширење омраза.
„Со свои очи видов во една телевизиска емисија како уредникот го праша соговорникот: „Значи, Фицо треба да биде убиен?“, а тој одговори потврдно: „Фицо треба да биде убиен“. Ова се работи што се без преседан“, истакна тој.
Фицо предупреди дека, според извештајот од безбедносните сили, уште еден напад е неизбежен.
„Сите безбедносни сили нè предупредуваат дека сме многу блиску до уште еден напад врз јавен службеник. И што е полошо – многу блиску до некаков вид јавен конфликт, во кој една група демонстранти би можела да нападне друга. Ако не почнеме да преземаме практични чекори, запишете го тоа – ќе има уште еден атентат. Апсолутно сум убеден во тоа“, предупреди словачкиот премиер.
Тој исто така изјави дека го предвидел минатогодишниот обид за атентат и дека постојано ги предупредувал своите колеги во владата за таква можност.
„Ве молам бидете внимателни, нешто се случува. И се случи, тоа бев јас“, додаде Фицо.
Зборувајќи за увозот на енергија од Русија, Фицо оцени дека мерките на Европската комисија во оваа област претставуваат нова железна завеса.
„Официјалната политика овде е да се изгради нова Железна завеса помеѓу Европа, Руската Федерација и Истокот“, кажа словачкиот премиер.
Според него, Европската Унија повеќе би сакала целосно да престанеме да увезуваме нафта, гас и нуклеарно гориво од Русија.
„Но, овој увоз, кога станува збор за гас и нафта, кога станува збор за вкупниот увоз во ЕУ, е смешен, многу низок“, додаде Фицо.
Тој истакна дека треба да го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги открие сите тајни договори што ги имаат западните компании за увоз на руска енергија.
„Во моментов, втор најголем снабдувач на течен гас за Европа е Руската Федерација. Бројни земји-членки купуваат нуклеарни материјали од Русија. Конфликтот ќе заврши, а сега што… ќе градиме ли железен ѕид од сто метри“, праша премиерот на словачката влада.