четврток, 29 јануари 2026

Фицо ги отфрли тврдењата на Политико дека во доверлив разговор изразил загриженост за состојбата на Трамп

Словачкиот премиер Роберт Фицо го отфрли како лага извештајот на бриселскиот портал Политико според кој во доверлив разговор со некои европски претставници кажал дека бил шокиран од состојбата на американскиот претседател Доналд Трамп кога неодамна разговарал со него на Флорида.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Политико, повикувајќи се на европски дипломати, напиша дека Фицо, кој е сојузник на Трамп, им кажал на лидерите на маргините на минатонеделниот самит на Европската Унија во Брисел дека е загрижен за начинот на кој американскиот претседател разговарал со него.

Фицо на социјалната мрежа Икс остро ги отфрли „лагите на Политико“, кого ја нарече „омразениот пробриселски либерален портал“.

„Тоа е тажен поглед на либералниот и прогресивен политички и медиумски свет. Злоупотреба на кривичниот закон за да се уништат противниците, отфрлање на различните мислења и обиди за убивање на политичките лидери во Словачка и САД“, напиша Фицо.

Тој кажа дека морал „силно да ги отфрли лагите на порталот Политико“ во врска со тоа како наводно ја оценил својата средба со американскиот претседател Трамп за време на неформалниот самит во Брисел, каде, како што додаде, никој ништо не слушал, ниту видел и нема ни сведоци, што не го спречило порталот да објавува лаги.

Познато е, додаде Фицо, дека тој е една од „омилените“ теми на тој портал, каде што „суверенитетот, борбата за националните интереси и сопственото мислење се сметаат за злосторства“.

Тој потоа наведе дека не зборувал на неформалниот состанок во Брисел и дека ниту другите премиери не зборувале, и дека неофицијално не разговарал со ниту еден премиер или претседател за неговата посета на САД. Истакна дека отворено го критикувал тој самит, неговата подготовка и свикување.

Укажа дека имало постојани обиди да се спречи неговата посета на САД, како што бил случајот со неговата посета на Русија, кога земји-членки на ЕУ дури и не му дозволиле да лета над нивна територија, и додаде дека „тоа е она што се нарекува солидарност“.

„Јас се согласувам со многу од стратегиите на американскиот претседател, но не се согласувам со некои од нив. Искрено мислев дека по мојата остра изјава за Венецуела, мојата посета на САД ќе биде откажана, но тоа не се случи, поради што ја ценам средбата со американскиот претседател уште повеќе“, напиша Фицо.

Тој го обвини Политико дека има за цел да „ги уништи конструктивните врски кои Словачка ги има со сите четири страни на светот“ и додаде дека тоа влијае и на интересите на Словачка во диверзификацијата на нејзината мирна нуклеарна програма и соработката со САД.

Тој нагласи дека не му треба звучник за да изрази критичко мислење и дека можеби неговото посочување на потребата од замена на високата претставничка на ЕУ Каја Калас е доволен пример за тоа.

Политико вчера напиша дека Фицо изразил загриженост за „психолошката состојба“ на американскиот претседател и изјавил дека го слушнал ова од пет дипломати кои биле информирани за разговорот што го имал словачкиот премиер. Се наведува дека Фицо го употребил зборот „опасен“ за да опише како му се чинел американскиот претседател за време на нивниот состанок во имотот на Трамп во Мар-а-Лаго на Флорида на 17 јануари, според двајца од дипломатите.

Разговорот меѓу Фицо и неговите европски колеги се одржал во Брисел на 22 јануари на маргините на вонредниот самит на ЕУ организиран за да се разговара за трансатлантските односи по заканата на Трамп да го преземе Гренланд, објави Политико, додавајќи дека лидерите го искористиле состанокот за да се обидат да ги смират тензиите откако американскиот претседател се откажал од заканата да воведе дополнителни тарифи за некои европски земји поради ова прашање.

Како што наведува Политико, повторно повикувајќи се на дипломати, Фицо ги дал овие коментари за време на посебен неформален разговор со некои лидери на ЕУ, а не за време на формалниот дел од состанокот. Иако ниту еден од дипломатите кои зборувале за Политико не бил присутен кога Фицо ги дал забелешките, поединечни лидери ги информирале одделно за содржината на разговорот кратко по неговото одржување, соопшти Политико.

Политико наведува дека им гарантирал анонимност за да можат да разговараат за доверливата размена меѓу лидерите и додава дека тие се од четири различни влади на ЕУ, додека петтата е висок функционер на ЕУ. Сите тие, според Политико, рекле дека не ги знаат деталите за тоа што наводно Трамп му го кажал на Фицо, што ја поттикнало неговата реакција.

Политико наведува дека коментарите на Фицо се особено значајни бидејќи тој е меѓу најголемите поддрќувачи на Трамп меѓу европските политичари и се фали со својот пристап кон американскиот претседател. Политико објави и дека Фицо ги отфрлил обвинувањата на Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ