Американското Министерство за внатрешна безбедност (ДХС) објави дека агентите на граничната патрола отвориле оган во самоодбрана врз маж кој им се приближил со пиштол и две рамки.
Шефот на полицијата во Минеаполис Брајан О’Хара изјави дека мажот бил 37-годишен жител на градот, за кој се верува дека е американски државјанин. Тој не го објави неговото име, наведувајќи дека бил легален сопственик на оружје и немал криминално досие.
На снимката која кружи на социјалните медиуми и ја емитуваа кабелските телевизии се гледаат маскирани мажи во тактички елеци како се борат со маж на улица покриена со снег пред да бидат испукани истрели. На видеото, мажот паѓа на земја, а потоа се слушаат уште неколку истрели.
Предупредуваме дека видеото е вознемирувачко:
You can see it plain as day: the man was already on the ground, helpless, pinned down by officers, and unarmed. What they did to him was an outright execution. It’s impossible to watch and not feel sick.#Minneapolis pic.twitter.com/Bj7OU5Pssj
— Han Skelsen (@HSkelsen) January 24, 2026
Подоцна на снимка од таа област се прикажани агенти за имиграција како користат солзавец против сè група на набљудувачи.
Гувернерот на Минесота Тим Волц повика на итно прекинување на операциите на спроведување на имиграциската политика на администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп во таа федерална држава.
„Тукушто разговарав со Белата куќа по уште едно страшно пукање од страна на федерални агенти утрово. Ова е одвратно. Претседателот мора да ја оконча оваа операција. Илјадници насилни, необучени полицајци да се повлечат од Минесота. Веднаш“, порача Волц на социјалната мрежа Икс.
Тина Смит, демократска сенаторка од Минесота, го нарече пукањето „катастрофално“.
Властите на Минеаполис повикаа на смиреност додека се истражува инцидентот. Снимките од местото на настанот покажуваат како имиграциските агенти фрлаат солзавец кон сè поголемиот број насобрани набљудувачи.
„Ја молиме јавноста да остане смирена и да ја избегнува непосредната област“, се наведува во соопштението на градот Минеаполис.
„Уште колку жители, уште колку Американци треба да бидат убиени или сериозно повредени за да заврши оваа операција?“, кажа градоначалникот Фреј на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Трамп е информиран за пукањето, изјави за Ројтерс функционер на Белата куќа.
О’Хара кажа и дека на местото на пукањето имало „напната и нестабилна ситуација“ и ги замоли луѓето да го избегнуваат тој дел од градот.
„Ве молам, не го уништувајте нашиот град“, кажа тој.
Пукањето се случи еден ден откако повеќе од 10.000 луѓе излегоа на улиците за да протестираат против присуството на 3.000 федерални агенти, кои Трамп ги испрати во Минесота.
Жителите се огорчени од неколку инциденти, вклучувајќи го убиството на американската државјанка Рене Гуд, притворањето на американски државјанин кој бил однесен од својот дом во долна облека и притворањето на ученици, вклучувајќи и петгодишно момче, според Ројтерс.
Во четвртокот, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, го посети Минеаполис за да ги поддржи службениците за имиграција и ги повика локалните лидери и активисти да ги намалат тензиите, велејќи дека Службата за имиграција и царина на САД (ИЦЕ) има важна мисија да ги апси прекршителите на имиграциските прописи.
Судирите меѓу жителите и федералните службеници стануваат сè потензични во Минеаполис, најнаселениот град во Минесота, откако агент на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) ја застрела и уби Рене Гуд, државјанка на САД и мајка на три деца, на 7 јануари додека се обидуваше да избега откако ѝ беше наредено да излезе од својот автомобил.
Друг инцидент се случи во четвртокот, 15 јануари, кога агент на ИЦЕ пукаше од огнено оружје и рани еден Венецуелец кој наводно не го запрел својот автомобил кога му било наредено да го стори тоа.






