Референдумот за независност на Босна и Херцеговина беше распишан за 29 февруари и 1 март 1992 година, а граѓаните потоа гласаа одговарајќи на прашањето: „Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народот на Босна и Херцеговина – муслимани, Срби, Хрвати и припадници на други народи кои живеат во неа?“.
На референдумот учествуваа 2.073.568 гласачи, а 99,44 проценти гласаа за независност.
Излезноста беше 63,7 проценти.
Резултатите од референдумот овозможија меѓународно признавање на Босна и Херцеговина како независна држава.
Независна БиХ прво беше признаена од Бугарија, а на 6 април тоа го стори Германија, по што следеа признавања од други европски земји, а потоа и од Соединетите Американски Држави.
Додека 1 март се слави како празник во Федерацијата на Босна и Херцеговина, владата на Република Српска го прогласи за „ден на жалост“, потврди вчера еден од министрите во владата на тој ентитет.
Министерот за труд, воени ветерани и инвалиди Радан Остојиќ им кажа на локалните медиуми во РС дека одлуката е донесена на поттик на неговото министерство, односно на барање на Боречката организација на РС.
БОРС претходно објави дека 1 март не е празник, туку датум на почетокот на трагичниот конфликт во Босна и Херцеговина, бидејќи на тој ден во 1992 година во сараевската чаршија беше убиен српскиот сват Никола Гардовиќ, кога беше нападната свадбена поворка пред старата православна црква.
Потоа беше ранет и православниот свештеник Раденко Мировиќ.
По потпишувањето на Дејтонскиот договор, Босна и Херцеговина никогаш не усвои ниту еден национален закон за празниците, па секој од двата ентитета има свои национални празници, а единствените заеднички се Нова Година и 1 мај, Меѓународниот ден на трудот.






