Најновиот меморандум на Министерството за правда дополнително ја потврдува оваа верзија на настаните. Во документот се наведува дека властите прегледале десетчасовно видео од затворската ќелија на Епстајн и дека овој материјал, според американските власти, недвосмислено докажува дека тој не бил убиен, туку се обесил додека чекал судење по обвинението за сексуална трговија со малолетници.
Независната ревизија на снимката од страна на ФБИ потврдила дека од времето кога Епстајн бил заклучен во својата ќелија околу 22:40 часот на 9 август 2019 година, до приближно 6:30 часот наутро следниот ден, никој не влегол на ниту еден кат од Специјалната единица за безбедност (СХУ), според меморандум на ФБИ и Министерството за правда.
„Оваа систематска ревизија не откри никаква инкриминирачка ‘листа на клиенти’. Ниту, пак, пронајде веродостојни докази дека Епстајн уценувал истакнати поединци како дел од неговите активности.“
Десетчасовната снимка е достапна тука.
„И покрај многубројните теории и шпекулации, истрагата не пронајде докази дека Епстајн имал список на влијателни луѓе што ги уценувал или соработувал со нив во злоупотреба на жени“, се вели во меморандумот.
Порталот Аксиос понатаму известува дека „нема ништо што ја поддржува теоријата дека Епстајн водел шема за уценување политичари, познати личности или бизнисмени“.
Во меморандумот, исто така, се наведува дека не се очекуваат нови обвиненија, бидејќи истрагата не открила доволно докази за да се оправда преземање мерки против трети страни.
Главната обвинителка на САД, Пам Бонди, која претходно вети дека ќе објави обемна документација за федералната истрага за Епстајн, во неодамнешните интервјуа го објасни доцнењето на објавувањето: ФБИ, вели таа, поседува десетици илјади снимки, од кои многу наводно прикажуваат детска порнографија, што дополнително го комплицира процесот на селекција и објавување.
Во февруари Бонди им подели папка со документи за Епстајн на поддржувачите на претседателот Трамп на социјалните мрежи на настан во Белата куќа, но се покажа дека документите не содржат нови информации. Овој потег разочара дел од базата на Трамп, која со години ја бара „целосната вистина“.
Критиките се засилија и поради шпекулациите дека владата го крие таканаречениот „список на клиенти“ за да ги заштити моќните луѓе. Како одговор, Министерството за правда изјави дека „ширењето неосновани теории за Епстајн не придонесува за заштита на децата или правда за жртвите“.
Дополнителна контроверзност предизвика Илон Маск, кој, откако се раздели со администрацијата на Трамп, на платформата Икс објави: „Време е да се објави вистинската бомба: Доналд Трамп е во документите на Епстајн. Затоа не ги објавија. Имај убав ден, ДЏТ“.
Маск подоцна ја избриша објавата, но повторно покрена прашања за тоа зошто не сакаат да ги објават сите документи за Епстајн и списокот, за кој Маск тврди дека постои.
Трамп претходно ги отфрли тврдењата на Маск во интервју за Ен-би-си-њуз: „Ова се стари приказни. Тие зборуваат за ова со години. Дури и адвокатот на Епстајн рече дека јас немам никаква врска со тоа“. Тој исто така додаде дека со Епстајн „не бил пријател најмалку 18 години пред неговата смрт“.






