Доколку го предвидеше ова, на Трамп ќе му беше од голема корист. Еден чекор ќе беше да се зголемат американските стратегиски резерви на нафта, кои беа нагло намалени по почетокот на конфликтот во Украина и никогаш не се обновени. Цените на нафтата и гасот може да се зголемат, но дури и тогаш важи правилото дека е подобро да се спречи проблем отколку подоцна скапо да се решава. Вториот чекор би бил однапред да ги придобие монархиите од Заливот за неговиот воен план. Немањето јасна цел го отежна тоа. Сега тој се соочува со сè понервозен Залив. Третиот чекор ќе беше да се подготви американската јавност за подолг конфликт. Ништо од тоа не е направено.
Прашањето е дали Трамп станал свесен за маните на неразмислувањето однапред. Кога би учел од сопствените грешки, би знаел дека дури и сериозно ослабен Иран сè уште може да ги заплашува нафтените танкерите во Заливот и да сопре поголем дел од производството на енергенси во регионот. Без окупација на Иран, Трамп не може да гарантира безбеден премин низ Ормускиот теснец. Производството на дронови е децентрализирано и тешко се уништува од воздух.
Трамп не може самиот да го избере новото иранско раководство. Други веќе забележаа дека на Америка ѝ беа потребни две децении во Авганистан за да ги замени талибанците со талибанците. На Трамп му беа потребни малку повеќе од седум дена за да го замени едниот Хамнеи со друг. Бидејќи Моџтаба, новиот врховен лидер, се смета за потврдокорен од неговиот татко, Трамп веројатно ќе остане со празни раце кога станува збор за обезбедување ирански прекин на огнот, а не пак „безусловно предавање“. Тоа му остава само неколку многу ризични опции.
Првата би била американски или израелски командоси да бидат испратени во Исфахан за да го запленат она што останало од иранските залихи од 400 килограми збогатен ураниум. Успехот би му понудил на Трамп спектакуларен излез од кризата. Всушност, искушението за молневита операција која би го сменила наративот за негово повлекување може да биде огромно. Над тоа лебди духот на Џими Картер. Неговата неуспешна операција за спасување на американски заложници во Иран во 1980 година помогна да потоне неговата претседателска кариера. Откако толку многу пати објави уништување на нуклеарната програма на Иран, Трамп не би преживеал сличен неуспех.
Друга можност би била окупацијата на иранскиот остров Харг со цел да се прекине извозот на иранска нафта. Таквиот потег би можел да биде уште поризичен, бидејќи би барал многу повеќе американски војници на терен – и многу подолго од операција на командоси. Ова би го задушило главниот извор на приход на Иран и дополнително би го продлабочило шокот на пазарот на нафта. Но, односот на ризикот и користа изгледа непромислено. По едвај една недела, јавната поддршка во Соединетите Американски Држави за војната на Трамп со Иран е на исто ниво како што беше за војната во Виетнам на крајот од 1967 година, откако загинаа повеќе од 11.000 Американци. Денес во САД нема толеранција ниту за неколку десетици жртви. Затоа, прашањето не е дали Трамп ќе се повлече, туку кога.
Трамп сепак би платил висока цена дури и ако еднострано прогласи победа. Најголемиот ризик е што ништо нема да се промени. Со повлекувањето американскиот претседател би му дал до знаење на Иран каде е неговата граница – кај наглиот раст на цените на енергенсите. И Иран се прашува кога ќе заврши овој конфликт. Тој би имал голема причина да продолжи да го нарушува глобалниот пазар на енергија за да го одврати Трамп да се премисли. Во изминатите две години Иран веќе четири пати беше цел на израелски напади – двапати со водечка улога на Трамповата Америка. Техеран затоа ќе се обиде да го направи следниот обид за обновување на конфликтот што е можно поскап.
Најсигурниот пат на иранскиот режим кон безбедноста би бил да развие нуклеарно оружје. Добри разузнавачки проценки може да дозволат понатамошно уништување на нуклеарните капацитети на Иран, но тоа не е сигурна гаранција. Логиката Иран да побрза кон статусот на Северна Кореја ќе биде многу примамлива. Други, особено рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, може да бидат во искушение да му помогнат. Режимите низ целиот свет сега ги прават истите пресметки со нова итност.
Еден вид штета Трамп повеќе не може да поправи, а тоа е довербата во Америка. Долго откако цените на нафтата ќе се стабилизираат, светот ќе се сеќава како неговата администрација се гордееше со реториката на „смртоносност “, како што ја нарекува неговиот министер за одбрана Пит Хегсет. Трамп одлучи да оди во војна и отворено покажуваше задоволство од својата моќ над животот и смртта. Војната е сериозен чекор кон кој се прибегнува дури откако ќе се исцрпат сите други можности. Тоа дека Трамп имаше и други опции е добро познато. Тоа што ја избра токму оваа – ќе биде тешко да се заборави.






