Разорните воздушни напади врз украинските производители на беспилотни летала во текот на летото се индикација дека Русија има напредни ракети за поефикасно да ги победи американските противвоздушни системи.
Врз основа на анализата на серијата напади, функционерите веруваат дека Русија веројатно го модифицирала својот мобилен систем искандер-М, кој лансира ракети со дострел до 500 километри, како и балистички ракети од типот „кинжал“ лансирани од авиони, кои можат да летаат до 480 километри.
Ракетата сега прво следи нормална траекторија, потоа скршнува и се урива во стрмен завршен пад или изведува маневри што ги „збунуваат и избегнуваат“ пресретнувачите на системот „патриот“, изјавиле функционерите.
Тоа е „пресвртница за Русија“, вели за ФТ поранешен украински функционер Бидејќи Киев истовремено се справува и со забавени испораки на пресретнувачки ракети од Соединетите Американски Држави, во руските напади се уништени клучни воени објекти и витална инфраструктура непосредно пред зимата.
Украинското воздухопловство објави дека сите четири руски ракети искандер-М, кои биле испукани во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, успеале да ја избегнат одбраната и да ги погодат целите.
Најмалку четири фабрики за производство на беспилотни летала во Киев и неговата околина беа сериозно оштетени во нападите ова лето, изјавија украинските власти и потсетија дека руските ракети успеале да ја избегнат украинската воздушна одбрана и ги оштетиле просториите на Делегацијата на ЕУ и Британскиот совет.
Пресретнувачите „патриот“ се единствените во арсеналот на Киев способни да соборуваат руски балистички ракети. Крстосувачките ракети на Москва може да се соборат со помалку софистицирани системи за противвоздушна одбрана, но, според властите, најновите подобрувања уште повеќе ја отежнуваат таа задача.
Аналитичарите сметаат дека прилагодувањата на софтверот се веројатно причина за зголемената ефикасност на руските ракети. Фабијан Хофман, истражувач за ракетна технологија на Универзитетот во Осло, изјави за ФТ дека производителите рутински користат податоци за пресретнување за да ги подобрат перформансите – а Русија, вели тој, очигледно го прави токму тоа.
Украина и Русија играат „игра на прилагодување“ кога станува збор за технолошкиот развој на оружјето, вели Хофман, но во исто време, тие играат и игра на „мачка и глушец“ во обидите да ги уништат системите едни на други.
Украина не открива колку батерии од системот „патриот“ има или каде се распоредени, но се знае дека досега се испорачани најмалку шест, додека Германија и Норвешка испорачаа компоненти за најмалку три системи во последните недели.
Претседателот Володимир Зеленски постојано апелира до западните партнери да ѝ обезбедат на неговата земја дополнителни системи, дури нудејќи ѝ на Украина да купи до десет комплети.
Како што се приближува зимата, Зеленски предупредува дека Москва се враќа на својата вообичаена стратегија за напад врз електричната мрежа со цел да ја турне земјата во мрак и да го скрши моралот на населението. Но, еволуцијата на руската ракетна технологија ја прави заканата од оваа година уште посериозна.
„За жал, ова веќе стана традиционална руска тактика“, кажа тој. „Русија повторно се обидува да ја завитка Украина во мрак оваа година.“
Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на информирани извори, објави дека САД ќе ѝ обезбедат на Украина разузнавачки информации за цели поврзани со енергетската инфраструктура длабоко на територијата на Русија. Според британската агенција, Вашингтон размислува дали да испрати ракети во Киев кои би можеле да се користат за вакви напади.
Одлуката претставува прва позната промена на политиката одобрена од претседателот Доналд Трамп откако тој ја заостри својата реторика кон Русија во последните недели во обид да ја заврши повеќе од тригодишната војна на Москва против својот сосед.






