Тапа, што буквално значи „да се убие“ на естонски, некогаш беше советска воздухопловна база. Денес е главна база на естонската армија и борбената група на НАТО предводена од Британија. Заедно со помала француска единица, членовите на Кралскиот тенковски полк имаат импресивен арсенал на огнена моќ, вклучувајќи тенкови „челинџер 2“, артилериски системи „арчер“ и оклопни транспортери „грифон“.
Британските, француските и естонските војници имаат интегрирана командна структура и би влегле во битка заедно во случај на руска инвазија. Војниците во Тапа се обучени да го одбијат нападот. Но, западните стратегиски планери веруваат дека Русија поверојатно би дејствувала постепено на почетокот, почнувајќи со операции дизајнирани да ги тестираат реакциите и единството на НАТО, пишува Гидеон Рахман за Фајненшл тајмс.
Минатонеделното нарушување на естонскиот воздушен простор се вклопува во тој образец, особено затоа што следеше по големиот руски упад со беспилотни летала во Полска една недела претходно. Некои од тие беспилотни летала беа соборени од авиони на НАТО, а сојузниците оттогаш распоредија повеќе авиони на источната граница.
НАТО ќе разговара за тоа како да одговори на упадот во Естонија подоцна оваа недела. Во алијансата има и такви кои тврдат дека во иднина НАТО треба да соборува руски авиони што го нарушуваат воздушниот простор на други земји. Но, други, особено во Соединетите Американски Држави, веруваат дека тоа би било опасна ескалација.
Русија би можела постепено да ги зголемува своите провокации со цел да ги тестира тие латентни поделби во рамките на НАТО. Едно од сценаријата за кое долго се дебатира е влегувањето на руски копнени трупи во една од балтичките држави, можеби под изговор за одбрана на етничките Руси.
Крајната цел на Кремљ е да покаже дека Членот 5 од НАТО за заедничка гаранција за безбедност е безвреден. Ако Русите успеат во ова, тогаш би можеле да се обидат да ги преземат помалите европски земји една по една, без никогаш да се соочат со комбинираната моќ на НАТО.
Неизвесноста околу реакцијата на Вашингтон е клучна за тестирањата на Москва. САД обезбедуваат околу 40 отсто од воените капацитети на НАТО во Европа и некои од неговите најнапредни капацитети. Исто така, има американски војници во балтичките држави. Артилериската единица Химарс неодамна спроведе обука во базата Тапа, а се очекува и пристигнување на американска тенковска чета.
Но, ако Русите некогаш започнат голема инвазија на Естонија или друга членка на НАТО, очигледното прашање е како би реагирал Доналд Трамп. Како што кажа Габриелиус Ландсбергис, поранешниот министер за надворешни работи на Литванија, минатата недела: „Ако има инвазија и напад, што може да очекува Путин? Шестата флота на САД да дојде во Балтикот или покана за состанок на Алјаска?“
Под површината, постојат вистински тензии меѓу администрацијата на Трамп и неговите балтички сојузници. Во Вашингтон се слушаат поплаки за „естонизација“ на европската надворешна политика, алузија на фактот што Каја Калас, креаторката на надворешната политика на ЕУ, е поранешна естонска премиерка.
Некои во администрацијата на Трамп ги сметаат балтичките земји за опасно агресивни во нивниот став кон Путин. На неодамнешниот состанок на високо ниво во Пентагон балтичките претставници беа обвинети дека се „идеолошки ориентирани“ во нивното спротивставување на Русија.
Сомнежот меѓу балтичките земји и САД е заемен. Во ходниците на естонското министерство за надворешни работи минатата недела, веднаш пред канцелариите на највисоките функционери, можеше да се види голема репродукција на резултатите од гласањето во ОН за Украина минатиот февруари, во кое САД гласаа со Русите. Пораката се чинеше јасна. Не претпоставувајте дека Америка на Трамп е на наша страна.
Најголемите европски земји се многу поконзистентни од администрацијата на Трамп во нивното инсистирање на потребата да се спротивстават на руската агресија. Но, тие се исто така многу нервозни околу самата идеја за борба против Русија без САД покрај нив, доволно е да се споменат мачните дебати за тоа дали европска „сила за охрабрување“ некогаш би можела да биде распоредена во Украина без американскиот „столб“ зад неа.
Но, додека НАТО мора да се справи со неизвесноста, истото важи и за Русите. Трамп е толку непостојан што неговите реакции во меѓународна криза не можат да се предвидат. Многумина што го следат Трамп претпоставуваа дека тој никогаш нема да одобри американско учество во бомбардирањето на Иран. И сепак, тој го стори токму тоа претходно оваа година.
Дури и ако Америка се повлече од криза на Балтикот, Британците, Французите, Германците и Канаѓаните имаат распоредени војници таму обврзани да се борат. Полска и Финска, обете добро вооружени нации, знаат дека нивната безбедност е тесно поврзана со судбината на Естонија, Летонија и Литванија. И тие веројатно би ги бранеле балтичките држави.
Тоа би бил безобѕирен ризик за Путин кога би ја тестирал волјата на земјите од НАТО да ја бранат источната граница на алијансата. За жал, како што откри светот кога руските сили маршираа кон Киев во 2022 година, Путин е прилично способен да неси безобѕирни одлуки, пишува Фајненшал тајмс.






