четврток, 29 јануари 2026

Фајненшал тајмс: Киев да ѝ го препушти Донбас на Русија ако сака гаранции од САД

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ сигнализираше на Украина дека безбедносните гаранции на Соединетите Американски Држави зависат од тоа дали Киев ќе се согласи на мировен договор што веројатно ќе бара од Украина да го отстапи регионот Донбас на Русија, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на осум извори запознаени со разговорите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вашингтон навести и дека би можел да ѝ понуди на Украина дополнително оружје за зајакнување на својата армија во мирновременски услови, доколку Киев се согласи да ги повлече силите од деловите од источниот регион кои моментално ги контролира, објави британскиот весник.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е „100 проценти подготвен“ и дека Киев сега чека тие да го одредат времето и местото за неговото потпишување.

Зеленски постојано вели дека територијалниот интегритет на Украина мора да биде зачуван во секој мировен договор за завршување на војната.

Киев е сè понесигурен дали Вашингтон ќе се обврзе на безбедносни гаранции, изјавил висок украински функционер за ФТ, додавајќи дека САД „сопираат секој пат кога би можеле да се потпишат безбедносни гаранции“.

Киев сака гаранциите да бидат потврдени пред да се согласи на какво било отстапување на територија. Сепак, според извештајот, САД веруваат дека Украина мора да се откаже од Донбас за да се стави крај на војната и не вршат притисок врз Владимир Путин да се откаже од тоа барање.

„Ова е целосно лажно – единствената улога на САД во мировниот процес е да ги донесе двете страни на маса за да постигнат договор“, кажа за ФТ Ана Кели, заменик-портпаролка на Белата куќа.

Лице запознаено со ставот на САД изјавило за весникот дека Вашингтон „не се обидува да ја принуди Украина на територијални отстапки“, додавајќи дека безбедносните гаранции зависат од тоа дали двете страни се согласуваат за мировен договор.

Кремљ во понеделникот објави дека прашањето за територијата останува клучно во секој договор за прекин на борбите во Украина, објави ТАСС по разговорите одржани за време на викендот во Абу Даби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ