Сепак, тој образец престанува да важи кога станува збор за Украина и Газа. Меѓу коментаторите – па дури и владите – може да се најдат групи кои се и проруски и произраелски; проукраински и пропалестински; проруски и произраелски; или проруски и пропалестински.
Нормално, термините како „пропалестински“ или „проруски“ се многу непрецизни. Тие опфаќаат широк спектар на ставови. Сепак, тие остануваат корисен скратен начин за означување на вистинските политички поделби. Честопати разликите меѓу „про“ и „анти“ таборите се изразуваат преку дискусии за западната надворешна политика. Оние во „пропалестинскиот“ табор сакаат да поднесат обвиненија за воени злосторства против израелските лидери и да го зголемат притисокот врз таа земја. „Произраелската“ група генерално поддржува давање одврзани раце на владата на Нетанјаху и ги отфрла обвинувањата дека Израел врши геноцид.
Кога станува збор за војната во Украина, „прорусите“ обично тврдат дека Москва има легитимни забелешки што треба да се признаат. „Проукраински“ став е дека поддршката за Киев треба да се зголеми и дека треба да се изврши многу поголем притисок врз (рускиот претседател Владимир) Путин.
Зошто идеолошката мапа стана толку комплицирана од почетокот на војните во Украина и Газа? „Проукраинската, произраелска“ средина во голема мера се совпаѓа со групата некогаш позната како неоконзервативци. Тие ги гледаат Украина и Израел како демократии под напад што заслужуваат поддршка.
Бернар-Анри Леви, францускиот филозоф, е страстен поддржувач на Украина, а неодамна го бранеше Израел од обвинувањата за геноцид, тврдејќи: „Геноцидна армија не би чекала две години за да добие војна во област со големина на Лас Вегас… Да се зборува за геноцид во Израел е навреда за здравиот разум“.
Други кои би ги ставил во таборот „проукраински, произраелски“ се историчарот Нил Фергусон и новинарот Бери Вајс. „Проукраинската, пропалестинска“ група е повеќе фокусирана на човековите права и воените злосторства отколку на прашањата за демократијата и кој прв пукал. Гледано низ призмата на човековите права, Русија и Израел спаѓаат во истиот табор – обвинети за масовни убиства на невини цивили и кршење на меѓународното право. Токму поради оваа логика, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење и за Владимир Путин и за Бенјамин Нетанјаху.
Педро Санчез, шпанскиот премиер, кој неодамна го обвини Израел за геноцид, тврди дека е лицемерно Западот да ја осудува Русија, а во исто време да го поддржува Израел.
Потоа, тука е и прорускиот, произраелски став, вообичаен меѓу поклониците на авторитарното владеење. Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, е олицетворение на тој пристап. Тој често ги блокира санкциите на Европската Унија против Русија – и предупреди дека западната поддршка за Украина може да доведе до светска војна. Орбан е исто така единствениот лидер на ЕУ кој го пречека Нетанјаху во својата земја по обвинението од страна на Меѓународниот кривичен суд.
Варијанти на ставот на Орбан може да се најдат низ екстремната десница во Европа – каде што непријателството кон муслиманските мигранти може да се претвори во поддршка за Израел; а национализмот, социјалниот конзервативизам и сомневањето кон НАТО можат да создадат симпатии кон Русија.
Прорускиот, произраелски став честопати изгледаше како најблискиот опис на погледот на светот на Трамп. Но, постои и изолационистичка крајно десничарска струја во Америка која е проруска и сè повеќе пропалестинска. Влијателниот телевизиски водител Такер Карлсон му приреди на Путин поволно гостување и сними пофални извештаи од Русија. Критичарите на Израел се редовни гости во неговата емисија. Меѓу нив е и конгресменката Марџори Тејлор Грин, која некогаш се сметаше за една од најверните следбеници на Трамп, но стана првиот избран републиканец што го обвини Израел за геноцид.
И Карлсон и Грин се обвинети за антисемитизам. Но, нивните ставови за Израел и Украина може да се сметаат за израз на бескомпромисна форма на национализам „Америка на прво место“. Тие ги гледаат обете земји како земји што се обидуваат да ги вовлечат САД во војни.
Каде се вклопувам јас во сето ова? Најпрво, ќе си дозволам погодност што им ја одземав на другите, и ќе кажам дека термините како „произраелски“ и „пропалестински“ се премногу едноставни за да ги опишат моите ставови. Сепак – користејќи ги моите сопствени погрешни категории – би рекол дека во изминатите две години моите симпатии се префрлија од кампот „проукраински, произраелски“ во кампот „проукраински, пропалестински“.
Причината за тоа е што, на почетокот на последните војни, и Израел и Украина очигледно беа жртви на агресија и воени злосторства против цивили. Но, во изминатите две години, работите се променија. Масовното убивање на палестински цивили од страна на Израел и употребата на гладот како оружје во војната не можат да се оправдаат како легитимна форма на самоодбрана.
Украина сè уште се бори за своето постоење – и во најголем дел го прави тоа со воздржаност и почитување на животот на цивилите. Обратно, и покрај тврдењата на владата на Нетанјаху дека Израел се соочува со егзистенцијална закана, апсолутно нема шанси последните остатоци од Хамас да го загрозат опстанокот на Израел како држава. Бруталноста на тактиките на Нетанјаху не може да се оправда дури ни како обид за спасување на израелските заложници. Таа дури ги доведува во опасност.
За мене, барем, Украина и Израел сега стојат на различни страни од моралната скала.






