Според британскиот весник американските разузнавачки служби му помагаат на Киев да ги таргетира клучните руски енергетски цели, вклучувајќи ги и рафинериите за нафта, далеку зад линиите на фронтот. Фајненшал тајмс цитира неименувани украински и американски претставници запознаени со операцијата.
Белата куќа, кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинското министерство за надворешни работи не одговориле веднаш на барањата на Ројтерс за коментар. Нема реакција од руското министерство за надворешни работи.
Москва претходно овој месец изјави дека Вашингтон и неговите сојузници во НАТО редовно му даваат разузнавачки информации на Киев во војната што почна во февруари 2022 година.
„Користењето на целата инфраструктура на НАТО и САД за собирање и пренесување разузнавачки информации до Украинците е очигледно“, изјави тогаш портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Фајненшал тајмс вели дека американските разузнавачки служби му помагаат на Киев да планира ги рутите, висината, времето и тактичките одлуки, дозволувајќи им на камиказе беспилотните летала со долг дострел на Украина да ја избегнат руската противвоздушна одбрана.
Според три извори запознаени со операцијата, САД се тесно вклучени во сите фази на планирањето. Еден американски функционер изјавил дека Украина самата избира цели за напади, додека Вашингтон потоа дава податоци за ранливоста на тие објекти.
Претходно овој месец двајца американски функционери изјавија за Ројтерс дека Вашингтон ќе ѝ обезбеди на Украина разузнавачки информации за цели со долг дострел во рамки на руската енергетска инфраструктура, додека одлуката дали да се испратат ракети „томахавк“ кои би можеле да се користат во такви напади сè уште се разгледува.
САД побарале и од сојузниците на НАТО да обезбедат слична поддршка, изјавија американски функционери.
Зеленски објави во саботата дека имал „позитивен и продуктивен“ телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп за руските напади врз украинскиот енергетски систем.
„Разговаравме за можностите за зајакнување на нашата воздушна одбрана, како и за конкретните договори на кои работиме за да го обезбедиме ова. Постојат добри опции и солидни идеи за тоа како навистина да зајакнеме“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.






