Иако многу Бугари се скептични кон Европската Унија, нивната земја несомнено профитираше од влезот во Унијата, ја престигна Србија и економски и според нивото на владеење на правото, а на Балканот сè појасно се исцртува провалија меѓу земјите што се во Унијата и оние што не се, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во текст насловен „Зошто вреди да се биде ЕУ-членка“.
Германскиот дневен весник наведува дека фактот оти Бугарија во изминатите 18 години профитирала од членството во Европската Унија најдобро може да се докаже преку споредба со Србија, соседна земја со речиси ист број жители — околу 6,7 милиони.
„Кога Бугарија во 2007 година беше примена во Европската Унија, економски заостануваше зад Србија. Бугарскиот БДП по жител изнесуваше околу 4.300 евра годишно. Во Србија беше 4.400. И иако и српската економија растеше интензивно, Бугарија му избега на својот западен сосед. БДП по жител во 2024 година изнесуваше околу 16.260 евра, а во Србија 12.640 евра. И според други показатели, како што се просечните плати и куповната моќ, Бугарија ја претекна Србија“, пишува ФАЦ.
За тоа, како што оценува весникот, постојат неколку причини. ФАЦ прецизира дека Србија, како кандидат за членство во Европската Унија, од Брисел добива претпристапна помош, „но таа е неспоредливо помала од структурните поттикнувачки средства што ги добиваат земјите членки“.
Покрај тие структурни средства, пишува ФАЦ, земјите членки добиваат пари и од Фондот за обнова и отпорност, кој Европската комисија го воспостави по епидемијата на коронавирусот заради поттикнување на растот и конкурентноста, а за Бугарија во тој фонд се резервирани повеќе од шест милијарди евра.
ФАЦ додава дека, вистина, исплатата на тие средства е врзана со реформи и владеење на правото, поради што во неколку наврати беше одложена исплатата на траншите за Бугарија, но во декември сепак ѝ беа исплатени 1,6 милијарди евра. „Многу е важно како предуслов за исплата на поединечни транши од Фондот за обнова и отпорност да се спроведат реформи во областа на владеењето на правото“, изјави заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Весела Чернева, пренесува ФАЦ.
Таа додаде дека „секоја влада во Бугарија знае дека постојат цврсти критериуми за тоа што е добро владеење, а што не“.
Говорејќи за протестите што во декември доведоа и до пад на коалициската влада на премиерот Росен Жељазков, Чернева рече дека „протестите во Бугарија покажаа дека на владата речиси и не ѝ останува маневарски простор, кога општеството и Брисел имаат иста оценка“.
„За разлика од Србија, каде што помасовните протести што траат повеќе од една година останаа безуспешни, незадоволството во Бугарија ја принуди владата да поднесе оставка. Тоа има врска и со околностите: за Србија нема исплати вредни милијарди евра од фондовите на Европската Унија, па оттука се помали и можностите Унијата да врши притисок за спроведување реформи. Една од последиците е тоа што во Србија нивото на демократија, владеење на правото и медиумски слободи е под нивото што постои во Бугарија“, оценува ФАЦ.
Весникот пишува дека за Бугарија, покрај сите поттикнувачки средства, уште поважна е припадноста кон заедничкиот европски пазар со речиси 450 милиони жители.
„Тоа ја прави земјата поатрактивна за инвеститорите и за бугарската извозна економија. Таков пристап до пазарот Србија нема. И иако и Србија изминатите години економски напредуваше, таа разлика се забележува“, пишува ФАЦ.
Весникот додава дека Бугарија, „за која во Србија и денес често се зборува со потсмев и потценување“, економски го надминала својот западен сосед, а дека и другиот сосед на Србија, Романија — исто така членка на Европската Унија — се развива уште побрзо, па таа дистанца сè повеќе се зголемува.
„Со други зборови: Европската Унија функционира — и политички и економски. Коментирајќи го брегзитот, Ангела Меркел во 2016 година рече дека ‘мора да постои и ќе постои видлива разлика меѓу тоа дали некоја земја сака да биде дел од Европската Унија или не’. На Балканот, растечката провалија меѓу членките и нечленките на Европската Унија покажува дека таа разлика навистина постои“, заклучува ФАЦ.






