среда, 10 декември 2025

Европските земји мора да соработуваат со талибанците поради нелегалните мигранти

Европските очајнички настојувања да се депортираат нелегални мигранти се покажува како победа за талибанските владетели во Авганистан, додека тие се обидуваат да ја ублажат својата меѓународна изолација. Западните влади и политичари сè повеќе сакаат да стапат во контакт со Кабул. Европските земји како Германија, Швајцарија и Австрија испратија делегации во Авганистан оваа година или примија талибански претставници за да го организираат враќањето на мигрантите.

Објавено на

часот

Сподели

Во Британија десничарската популистичка партија Реформ УК, која моментално води на анкетите, дури и минатиот месец предложи авганистанската влада да биде платена за да ги прима назад мигрантите. Овие потези претставуваат значајна промена во ставовите на европските политичари кои претходно се обидуваа да ги изолираат талибанците и ја осудија групата за нејзините ограничувања во образованието на девојчињата и третманот на малцинствата и политичките противници.

Талибанците сакаат да се вклопат во меѓународниот поредок

Европскиот пресврт доаѓа во време кога пресметката на талибанците со насилната исламистичка група ИСИС-Хорасан, или ИСИС-К, со седиште во Авганистан, помогна и во создавањето врски со Русија и САД. Ибрахим Бахис, аналитичар во Меѓународната кризна група со седиште во Кабул, за Фајненшл тајмс вели дека талибанците успеале да ја искористат ситуацијата во Европа за да преговараат за договори за депортација.

„Талибанците се многу заинтересирани и желни да се вклопат во глобалниот политички поредок“, кажа Бахис, додавајќи дека официјалните контакти потребни за склучување вакви договори претставуваат „мали победи што ги интегрираат сè повеќе во глобалниот систем“.

Сухаил Шахин, претставник на талибанците во Катар, вели дека се подготвени да „создадат механизми“ за поддршка на враќањето на Авганистанците од Европа: „Подготвени сме за позитивен ангажман како ефикасен начин за решавање на проблемот. Преселувањето е хуманитарно прашање, па затоа би ја поздравиле секоја економска поддршка што доаѓа со депортацијата“.

Вратени четири милиони Авганистанци

Талибанците владеат со Авганистан од повлекувањето на силите на Америка и НАТО во 2021 година и се борат со повеќекратни кризи, вклучувајќи драстични намалувања на странската помош, широко распространета сиромаштија и природни катастрофи. Според агенцијата за миграција на Обединетите нации, околу четири милиони Авганистанци се вратиле или биле насилно протерани од соседните Пакистан и Иран од 2023 година.

Ваквите тешкотии го прават зголемениот меѓународен ангажман особено добредојден за режимот. Во јули, германската влада акредитираше двајца конзуларни службеници на талибанците да работат на прашања поврзани со миграцијата. Владата на конзервативниот канцелар Фридрих Мерц се обиде да ги заостри политиките за да спречи пораст на поддршката за екстремната десница.

Користејќи индиректни контакти со талибанците преку Катар, Берлин, организираше и депортација на осудени криминалци назад во Авганистан во јули. Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт потоа изјави дека повеќе не е одржливо да се потпира на индиректни канали и дека Берлин треба да склучи договор со талибанците кој ќе отвори директни разговори за миграцијата.

Иако германската влада инсистира дека зголемениот ангажман со талибанците не ја менува нејзината позиција во врска со исламистичката група, тоа беше остро критикувано од членовите на Социјалдемократската партија, која е во коалиција со партијата на Мерц, и од опозициските политичари. Омид Нурипур, заменик претседател на Долниот дом на германскиот парламент и поранешен лидер на Зелената партија, ги обвини министрите за „нормализирање на терористичкиот режим“.

Техничка, а не политичка соработка

Швајцарија и Австрија ја засилија соработката со талибанците во врска со враќањето на авганистанските граѓани, иако ги опишуваат овие контакти како технички и оперативни, а не политички. Во август, претставници на талибанците отпатуваа во Женева за да помогнат во идентификувањето на Авганистанците кои се соочуваат со депортација. Швајцарската страна тврди дека ова е неопходно, бидејќи талибанците сега се единствената влада што издава лични документи.

Австрија зазеде сличен пристап. Министерството за внатрешни работи потврди дека претставници на Федералната канцеларија за имиграција и азил се во контакт со талибанските власти. Претставници на министерството отпатуваа во Авганистан на почетокот на 2025 година за да разговараат за логистичките детали за враќањето, а делегација на талибанците ја посети Виена во септември.

„Австрија тесно соработува со Германија, Швајцарија и други европски партнери, како и со партнери во регионот по ова прашање. Нашата заедничка цел е да овозможиме враќање на, особено на осудените криминалци кои немаат право да останат во Европа“, се вели во соопштението на австриското министерство.

Според официјалните бројки, луѓето од Авганистан сочинувале 15 отсто од сите имигранти кои влегле во Британија со брод во првата половина од оваа година, а британската влада не ја исклучила можноста за договор за враќање со талибанците.

„Ги враќаме луѓето кои немаат право да бидат тука“

„Фокусирани сме на преземање на потребните мерки за враќање на луѓето кои немаат право да бидат тука“, изјави портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер: „Министерството за внатрешни работи веќе врати мал број луѓе во Авганистан“.

Напорите на талибанците да се извлечат од дипломатската изолација беа потпомогнати од стравувањата дека нивната планинска земја повторно би можела да стане центар на меѓународен тероризам. Во јули, Русија стана првата земја што експлицитно го призна Исламскиот емират Авганистан, една година откако милитанти поврзани со ИСИС убија повеќе од 100 луѓе во Москва.

Кина и Пакистан, обете земји длабоко загрижени за сепаратистичките и исламистичките милитанти што дејствуваат во Авганистан во близина на нивните граници, исто така го засилија ангажманот со владата на талибанците и ги испратија своите министри за надворешни работи во Кабул на трилатерални разговори минатиот месец.

Себастијан Горка, советник за борба против тероризмот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше критикуван како исламофоб, откри во август дека Вашингтон и талибанците работат заедно во борбата против исламистичкиот екстремизам.

„Талибанците се умерено кооперативни партнери“

„Ова звучи чудно кога ќе излезе од моја уста, но талибанците беа умерено кооперативни партнери во борбата против тероризмот“, кажа Горка во говорот во конзервативната аналитичка група Фондација Херитиџ во Вашингтон.

Абдул Матин Кани, портпарол на авганистанското министерство за внатрешни работи, изјави дека талибанците се во контакт со одбранбените и разузнавачките агенции од Русија, Кина, САД и Европа како дел од нивните операции против милитантните групи: „Се надеваме дека тие врски можат да се развиваат, но по 20 години војна против некои од тие земји, тешко е тоа да се прави отворено“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ