Францускиот весник „Фигаро“ смета дека противниците на Западот ги збиле редовите околу кинескиот претседател Си Џинпинг и истакнува дека „светската историја сè повеќе се пишува надвор од Западот, а некои поглавја им бегаат на Европејците“.
Лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“ нагласува дека средбата на лидерите на трите најмоќни во незападната организација БРИКС – Кина, Русија и Индија, ја зајакнале таа група и го ослабнале Западот.
Францускиот весник „Ле Монд“, како и речиси сите други медиуми, заклучува дека средбата на лидерите на „Глобалниот Југ“ – Шангајската организација за соработка, „ја постави Џинпинговата Кина во центарот на новиот антизападен поредок“.
Шпанскиот весник „Паис“ пишува дека „Кина ја проектира својата алтернативна визија за светот во однос на САД и Западот“.
Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ истакнува дека драстичните царини на Трамп врз Индија го турнаа нејзиниот премиер Нарендра Моди – што до неодамна изгледаше невозможно – кон Пекинг и „Моди и Си Џинпинг се најдоа во историска прегратка, објавувајќи дека сега се партнери, а не соперници“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, за време на средбата со својот руски колега Владимир Путин, ја пофали „сеопфатната стратегиска соработка“ меѓу нивните две земји и ја потврди нивната подготвеност да соработуваат во „градењето пофер и поразумен систем на глобално управување“.
Си Џинпинг се претстави како „извор на стабилност и сигурност“ на самитот на незападните земји, истакнуваат западноевропските аналитичари.
Паис заклучува дека „сега постои основен закон во геополитиката на 21 век, а тоа е дека Вашингтон повеќе не е клучен играч, туку сè повеќе и Пекинг“.
Многу коментатори нагласуваат дека, спротивно на западните проценки дека „пресметливата коалиција“ меѓу Москва и Пекинг, па дури и самиот БРИКС, ќе се распадне, дека политиката на санкции и одмазда од страна на Западна Европа и особено американскиот претседател Доналд Трамп го зајакнала стратегискиот сојуз меѓу Кина и Русија и, згора на тоа, едноставно ја турнала моќната и голема Индија во него.
Португалскиот весник „Корејо да Мања“ пишува дека состанокот на лидерите на Шангајската организација за соработка „покажа дека може да постои мултилатерален свет без САД и Трамп… кои се главната дестабилизирачка сила на мултилатерализмот“.
Германскиот весник „Тагесцајтунг“, обично исклучително сериозен, изненадувачки и видливо провокативно напиша дека „Кина покажа политички среден прст кон Западот… што е совршено јасно од она што го кажа Си Џинпинг“.
„Тагесцајтунг“ верува дека „од морални причини, Европа многу добро постапи кога остана вистински посветена на своите демократски вредности и ја ограничи својата зависност од Кина“.
Но, како што заклучува, „со американскиот претседател, кој со рекордна брзина ги поткопува сите принципи на владеењето на правото, многу прагматично политичко прашање е дали Европската Унија може воопшто да одржи некаков морален став“.






