Германија, Франција и другите земји од Европската Унија денес не успеаја да ја убедат унгарската влада предводена од Виктор Орбан да го одобри најновиот пакет санкции на ЕУ против Русија и заем наменет да му помогне на Киев да ги задоволи своите воени и финансиски потреби.
Полскиот премиер Доналд Туск ги опиша потезите на Унгарија како „политичка саботажа“.
Спорот се заканува да го засени внимателно организираниот приказ на солидарност меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите клучни европски партнери, според Гардијан.
Се очекува неколку лидери на ЕУ да го посетат Киев во вторник, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.
Годишнината доаѓа по бруталната и студена зима во која Русија систематски ја уништи енергетската инфраструктура на Украина со напади со беспилотни летала и балистички ракети, оставајќи милиони луѓе без електрична енергија. Киев, Одеса и Харков беа силно погодени.
И покрај влошувањето на условите за цивилите, расположението во Киев, главниот град на Украина, е изненадувачки оптимистичко, тврди Гардијан.
Во интервјуата оваа недела Зеленски инсистираше дека Украина „дефинитивно не губи“. Од крајот на јануари неговите вооружени сили повторно освоија 400 квадратни километри на југот од земјата.
Како што објави Кирило Буданов, шефот на кабинетот на Зеленски, нова рунда мировни преговори треба да се одржи во Женева подоцна оваа недела. Буданов призна дека не е тајна дека преговорите со Русија, со посредство на Соединетите Американски Држави, „не одат мазно“.
„Јасно напредуваме“, оцени тој.
Досега Кремљ одби да ги омекне своите првични, максималистички барања. Се бара Украина да го предаде целиот Донбас, вклучувајќи ги и областите кои не се контролирани од Русија. Зеленски го отфрли тоа, и покрај притисокот од претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп да се согласи со тоа.
Во разговор за Би-би-си Зеленски кажа дека откажувањето од регионот Донецк би значело „напуштање на стотици илјади наши луѓе кои живеат таму“. Тој посочи дека Путин „веќе ја започнал третата светска војна“, додавајќи: „Прашањето е колку територија ќе успее тој (Путин) да заземе и како да се сопре“.
Европските земји ја засилија помошта за Украина откако Белата куќа ја суспендираше целата директна воена помош минатата година. Но, се тврди дека тие напори се саботирани од Унгарија и Словачка, блиски сојузници на САД и членки на ЕУ кои се „симпатизери“ на Москва. Двете земји во голема мера зависат од увозот на руска нафта, наведува Гардијан во текстот.
Будимпешта вели дека ќе блокира понатамошни санкции против Русија сè додека Украина не ги продолжи испораките на нафта преку нафтоводот Дружба. Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека ја суспендира итната помош за Украина поради прекинот на испораките на нафта.
Украина тврди дека Кремљ е одговорен за прекинот. Киев соопшти дека руските бомби го онеспособиле нафтоводот минатиот месец. Украински беспилотни летала со долг дострел денес оштетија пумпна станица за нафта во руската република Татарстан, која е дел од мрежата на нафтоводот Дружба, пишува Гардијан.
Гардијан објавува дека по пристигнувањето на состанокот во Брисел, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се пожалил дека Украина се однесува „многу непријателски“ кон неговата земја.
„Ве молам прашајте ги Украинците зошто ги прекинаа испораките на нафта за Унгарија“, кажа Сијарто, обвинувајќи ја ЕК дека е на страната на Киев.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски остро ја критикуваше одлуката на Унгарија да блокира заем од 90 милијарди евра за Украина. Ова, кажа тој, е „шокантно“, имајќи предвид дека самата Будимпешта беше нападната од советските трупи во 20 век. Тој додаде дека антиукраинската реторика на Орбан е насочена кон домашната публика, пред изборите во март.
„Очекував многу поголемо чувство на унгарска солидарност со Украина. Наместо тоа, владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија и сега се обидува да ја искористи на општите избори“, оцени Шикорски.






