сабота, 17 мај 2025

Европскиот суд на правдата пресуди против малтешката програма на „златни пасоши“

Европскиот суд на правдата соопшти дека Малта мора да ја оконча својата програма на „златни пасоши“ преку која богати странци можат да купат државјанство, бидејќи таа програма претставува кршење на правата на Европската Унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европската комисија во 2022 година ја тужеше Малта за оваа програма, која им овозможува на странци да добијат пасош, а со тоа и право да живеат и работат во која било земја во ЕУ, во замена за инвестирање од околу милион евра.

Судот, како што пренесува Ројтерс, наведе дека иако државите членки имаат право самите да ги одредуваат условите за доделување или одземање на државјанствата, малтешката програма го нарушува принципот на меѓусебна доверба меѓу државите членки, на кој почива заедничкиот простор на ЕУ.

„Државата членка не може да доделува свое државјанство, а со тоа и европско државјанство, во замена за однапред одредени плаќања или инвестиции, бидејќи со тоа стекнувањето на државјанствата се сведува на чиста комерцијална трансакција“, се наведува во пресудата на судот.

„Таквата пракса не овозможува воспоставување неопходна врска на солидарност и добра волја меѓу државите членки и нејзините граѓани, ниту обезбедува меѓусебна доверба меѓу државите членки.

Малта повеќе пати инсистираше на тоа дека нејзиното толкување на договорот не ЕУ е исправно.

По почетокот на конфликтот во Украина, Малта ја прекина програмата за државјаните на Русија и Белорусија, но продолжи да ја спроведува за државјани на други земји.

Предметот беше испратен до Европскиот суд на правдата по повеќегодишните спорења меѓу Малта и институциите на ЕУ во врска со измените на програмата. Европската комисија во октомври 2020 почна постапка за кршење на правата, но тоа не доведе до конкретни промени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ