понеделник, 16 февруари 2026

Европскиот парламент ја исклучува вештачката интелигенција на службените уреди

Европскиот парламент ги исклучил функциите за вештачка интелигенција на службените уреди на пратениците и персоналот поради загриженост за сајбер безбедноста и заштитата на податоците. Одлуката била објавена во интерна електронска пошта испратена денес, во која имал увид Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во електронската пошта испратена до членовите се наведува дека „вградените функции за вештачка интелигенција“ се оневозможени на службените таблети откако ИТ одделот проценил дека не може да ја гарантира безбедноста на податоците кои ги користат овие алатки. Службата за техничка поддршка на Парламентот ги разјасни причините за оваа одлука.

„Некои од овие функции користат услуги во клауд за задачи кои инаку би можеле да се извршат локално, испраќајќи податоци надвор од уредот“, се наведува во е-поштата.

„Бидејќи овие функции продолжуваат да се развиваат и да стануваат достапни на повеќе уреди, сè уште го проценуваме точното количество на податоци кои се споделуваат со давателите на услуги. Додека ова не се разјасни целосно, сметаме дека е побезбедно да се држат таквите функции исклучени“.

Европската Унија ги заостри своите правила за безбедност на податоците во последниве години, делумно поради загриженоста за странските добавувачи на технологија. Во ноември минатата година група пратеници го повикаа Парламентот да се откаже од интерната употреба на софтверот на Мајкрософт во корист на европска алтернатива.

Во 2023 година институцијата исто така ја забрани употребата на социјалната мрежа Тикток на службените уреди и им препорача на претставниците да ја избришат од своите телефони.

Најновата мерка се однесува на вградени функции како што се асистенти за пишување и сумирање текст, напредни виртуелни асистенти и креирање резимеа на интернет страници на таблети и телефони, објаснил функционер на ЕУ кој сакал да остане анонимен.

Во е-поштата испратена до пратениците, се нагласува дека апликациите, е-поштата, календарот, документите и другите алатки за секојдневна работа не се засегнати од оваа одлука.

Во писмен одговор до Политико прес-службата на Европскиот парламент изјави дека „постојано ги следи сајбер заканите и брзо ги спроведува потребните мерки за нивно спречување“, но одби да коментира за специфични безбедносни прашања поради нивната „чувствителна природа“.

Парламентот не разјасни и точно кои функции се оневозможени или на кои оперативни системи работат службените уреди. Во е-поштата, пратениците се повикуваат да „размислат за примена на слични мерки на претпазливост“ на своите лични уреди, особено оние кои се користат за деловни задачи.

Им се препорачува да избегнуваат изложување на службените е-пораки, документи или внатрешни информации на „функции на вештачка интелигенција кои скенираат или анализираат содржина“, да бидат „внимателни“ со апликации од трети страни и да „избегнуваат давање широк пристап до податоци“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ