Рекорден еден милион хектари изгореа низ дел од Унијата, површина приближно половина од големината на Велс, објавува Би-би-си.
Шпанија и Португалија се особено тешко погодени, а научниците од ЕУ проценуваат дека изгорел околу 1% од целиот Ибериски Полуостров. Повеќе од две третини од вкупната површина опожарена во ЕУ е во овие две земји. Според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари „Коперникус“ (ЕФФИС), повеќе од 400.000 хектари изгореле во Шпанија од почетокот на годината до 26 август. Ова е шест пати повеќе од просекот за истиот период помеѓу 2006 и 2024 година. Соседна Португалија, исто така, бележи црн рекорд со изгорени 270.000 хектари, што е речиси пет пати повеќе од просекот.
Вкупно, пожарите оваа година проголтале 684.000 хектари на Иберискиот Полуостров, а поголем дел од оваа површина изгорел за само две недели. Пожарите биле концентрирани во шумските области на северна Португалија и во шпанските региони Галиција, Астурија и Кастиља и Леон. Пожарите не ги поштедија заштитените подрачја како што се Националниот парк Пикос де Еуропа, ниту пак аџиската мрежа Камино де Сантијаго, која привлекува повеќе од 100.000 посетители во лето.
Овие настани предизвикаа најголема мобилизација на пожарникари во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега.
Чадот од пожарите драстично го влоши квалитетот на воздухот, носен од јужните ветрови до Франција и Обединетото Кралство. Во посебна студија, научниците од групата Ворлд ведер атрибушн (World Weather Attribution) на Кралскиот колеџ во Лондон директно ја поврзаа влошената сезона на пожари во Медитеранот со климатските промени. Пожарите, исто така, создаваат маѓепсан круг со ослободување на огромни количества јаглерод диоксид (ЦО2) во атмосферата, што дополнително ја загрева планетата. Според податоците на ЕУ, емисиите на ЦО2 од пожарите во Шпанија оваа година достигнаа рекордни 17,68 милиони тони.
Експертите предупредуваат дека честите и силни пожари низ Европа веројатно ќе продолжат.






