Европската комисија за прв пат експлицитно ги спомна возачите на камиони од трети земји како една од професионалните категории за кои би можеле да се воведат нови правила за продолжен краткорочен престој во Шенген зоната, дознава Блиц бизнис од извор близок до ЕУ.
Во стратегиската анализа објавена вчера Комисијата наведува дека актуелниот режим од 90 дена престој во период од 180 дена создава сериозни проблеми за секторите кои зависат од постојана прекугранична мобилност, вклучително и товарниот транспорт, што е прашање од особено значење за земјите од Западен Балкан.
Во документот на Европската комисија се наведува дека сегашните правила на ЕУ дозволуваат престој во Шенген зоната до 90 дена во рок од 180 дена, додека за секој подолг престој е потребна долгорочна виза или дозвола за престој.
Меѓутоа, Комисијата забележува дека одредени категории професионалци од трети земји, кои во голема мера зависат од честа мобилност меѓу земјите членки, имаат потреба да останат во ЕУ подолго од дозволениот лимит, без намера за трајно населување.
Меѓу тие категории особено се споменуваат возачите на камиони кои вршат услуги за компании во Европската Унија, заедно со уметниците на турнеја, спортистите и експертите ангажирани во прекугранични проекти.
За земјите од Западен Балкан ова прашање има дополнителна тежина бидејќи голем дел од товарниот сообраќај кон ЕУ го вршат возачи кои не се државјани на земјите-членки, пишува Блиц бизнис.
Ограничувањата на престојот, во комбинација со долгите чекања на границите, доведуваат до прекини, дополнителни трошоци и намалена конкурентност на транспортните компании од регионот.
Комисијата во документот наведува дека постоечкиот систем е дополнително усложнет со билатерални договори склучени од поединечни земји членки пред стапувањето во сила на Шенгенските правила, кои дозволуваат престој подолг од 90 дена само на територијата на одредена држава. Ваквите решенија, како што е оценето, ја нарушуваат унифицираната примена на Шенгенскиот систем.
Европската комисија најавува дека ќе работи во соработка со земјите членки за да пронајде прагматични решенија кои би овозможиле продолжен краткорочен престој за одредени категории граѓани на трети земји, а воедно би ги зачувале безбедносните стандарди и економските придобивки за ЕУ.
Во овој контекст, Комисијата ја разгледува и можноста за воведување нова законска рамка на ниво на ЕУ, со посебен фокус на правилата за продолжен краткорочен престој, како и постепено укинување на постојните билатерални договори кои отстапуваат од единствените Шенген правила.
Во документот се нагласува дека засега станува збор за стратегиски размислувања и анализи, и дека сите промени на правилата ќе зависат од понатамошните преговори меѓу Европската комисија и земјите членки.
Еден од следните чекори е да се разгледаат нови правила за продолжен краткорочен престој за професионалци од трети земји, вклучително и за возачите на камиони.
За транспортниот сектор на Западен Балкан ова соопштение претставува прв јасен сигнал од Брисел дека проблемот со престојот на професионалните возачи е препознаен на ниво на ЕУ, во време кога протестите и граничните блокади поради примената на Шенген правилата станаа регионално прашање.
Сегашното законодавство на Европската Унија дозволува престој во Шенген зоната до 90 дена во период од 180 дена, како за државјани на земји на кои не им е потребна виза, така и за оние на кои им е потребна виза. За секој престој подолг од 90 дена е потребна долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја членка.
Превозниците од Србија, Босна и Херцеговина и Македонија веќе четири дена го блокираат товарниот сообраќај на премините со земјите од Шенген зоната, а вчера блокадите ги запреа превозниците од Црна Гора бидејќи постигнаа договор со државните органи.






