Воведувањето на законот за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги прописи за невладините организации финансирани од странство, кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија, пишува германската новинска агенција ДПА.
Предлог законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, според Комисијата, претставува сериозно кршење на правата на Европската Унија.
Комисијата бара повлекување на нацрт законот од законодавната постапка.
Доколку законот биде усвоен, што се очекува, Комисијата предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен најави дека нема да се двоуми да преземе казнени мерки.
Комисијата може да возврати со посебни постапки за вакви случаи на прекршувања, што резултира со високи казни за земјите членки кои не го почитуваат правото на ЕУ, истакнува ДПА.
Слично на сегашното законодавство во Русија и САД, нацрт законот овозможува невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црна листа.
Потоа, тие организации можат да добијат материјална поддршка од странство само со одобрение од даночната администрација на земјата во која работат.
Доколку невладината организација се финансира на други начини, таа мора да ѝ плати на државата 25 пати поголема сума како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета, пишува ДПА.
Невладините организации се организации кои би требало, независно од владите, да се борат за човекови права, животната средина или здравјето и други аспекти од јавниот живот.
Орбан, кој постојано се судира со бирократијата на ЕУ во текот на неговите 15 години како лидер на Унгарија, е под зголемен притисок дома пред парламентарните избори во април следната година.