„Прославата на 9 мај ја гледаме како дел од руската пропаганда и обид да ја оправда својата инвазија на Украина и затоа сметаме дека треба да се воздржиме од давање легитимитет на кој било начин на оваа војна и да се воздржиме од присуство на таа прослава“, кажа портпаролката Паула Пињо на конференција за новинарите.
Таа додаде дека тоа не се однесува само на земјите кандидати, туку уште повеќе на членките на ЕУ, кои таков став договориле уште во 2022 година.
Словачкиот премиер Роберт Фицо и претседателот на Србија Александар Вучиќ најавија дека ќе учествуваат на прославата во Москва.
Портпаролот за проширување Гијом Мерсие кажа дека Србија треба да потврди која е нејзината стратегиска насока. „Европската Унија беше кристално јасна со нашите партнери, вклучувајќи ги кандидатските земји како Србија, дека односите со Русија не може да бидат како вообичаено“, изјави Мерсие.
На прашањето дали ќе има какви било последици за Србија, тој кажа дека е рано да се нагаѓа за тоа.