среда, 14 јануари 2026

Европската комисија претстави заем за Украина од 90 милијарди евра, 60 милијарди се за оружје

Европската комисија денес презентираше законски пакет за заем за Украина во износ од 90 милијарди евра, од кои две третини се наменети за воена помош, а остатокот за општото функционирање на државата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лидерите на земјите-членки на самитот во декември одлучија дека ќе ѝ обезбедат на Украина заем од 90 милијарди евра за следните две години, кој ќе биде гарантиран од европскиот буџет. ЕК сега објави законски предлог за спроведување на оваа одлука.

Околу две третини од заемот, околу 60 милијарди евра, се наменети за воена помош, а 30 милијарди за поддршка на украинскиот буџет со цел да се обезбеди континуирано функционирање на државата и основните јавни услуги.

Украина треба да ги користи овие средства за купување оружје и опрема произведено во ЕУ, и само доколку не е достапно во Европа. Тоа е компромис помеѓу француските и германските позиции. Париз се залага со тие пари да се купува само европско оружје и опрема, а Германија и другите источни членки дека оружјето може да се купува од САД и други партнери.

Кредитот за Украина беше одобрен врз основа на механизмот на „засилена соработка“ бидејќи не беше можно да се постигне согласност од сите земји-членки. Унгарија, Чешка и Словачка се изземаа од обврската и нема да учествуваат во отплатата на долгот.

Лидерите на земјите-членки одлучија за заедничко задолжување откако немаше консензус за користење на замрзнатите руски средства за репарациски кредит. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен изјави дека предлогот за репарациски кредит со користење на замрзнати руски средства е сè уште на маса.

„Унијата го задржува правото да користи руски средства замрзнати во Унијата за отплата на кредитот, целосно во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право. Репарацискиот кредит, како што беше предложен на 3 декември 2025 година, не е повлечен и останува достапен доколку ко-законодавците одлучат да го поддржат“, кажа Фон дер Лаен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ