„Комисијата предлага нов пакет санкции, 20-ти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лаен.
Во новиот пакет се предлага целосна забрана за поморски услуги за превоз на руска сурова нафта, со цел дополнително да се намалат приходите од продажба на енергенси и да се отежни пронаоѓањето купувачи за руската нафта.
„Бидејќи бродскиот транспорт е глобален бизнис, предлагаме оваа целосна забрана да се донесе во координација со истомислениците, по одлука на групата Г7“, изјави претседателката на Комисијата.
Новиот пакет вклучува додавање уште 43 брода од таканаречената руска флота во сенка на списокот на санкционирани бродови. Вкупниот број на таквите бродови, кои Русија ги користи за заобиколување на санкциите, сега изнесува 640. Се предлагаат и мерки што треба да ѝ го отежнат на Русија набавувањето танкери за флотата во сенка, како и сеопфатна забрана за обезбедување одржување и други услуги за ЛНГ-танкери и мразокршачи.
Вториот дел од санкциите се однесува на мерки за ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни канали за плаќање за финансирање на економската активност. Уште 20 руски регионални банки се додаваат на списокот на санкционираните, како и неколку банки во трети земји што се вклучени во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока.
Се предлагаат и мерки против криптовалутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат тргување со криптовалути, со цел да се отежни заобиколувањето на санкциите.
Третиот дел од новиот пакет санкции се однесува на мерки со кои се заоструваат ограничувањата за извоз во Русија на стоки и услуги – од гума до трактори и услуги за кибернетичка безбедност.
Се предлага и нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали што досега не биле под санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на артикли и технологии што се користат за руските напори на бојното поле, како материјали за производство на експлозиви.
Претседателката на Комисијата ги повика земјите членки што побрзо да го одобрат овој пакет санкции „за да испратиме силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од оваа војна“.
Фон дер Лаен наведе дека руските фискални приходи од нафта и гас паднале за 24 проценти во 2025 година во споредба со претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.
„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Тоа го потврдува она што веќе го знаевме – дека нашите санкции функционираат и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, изјави Фон дер Лаен.





