сабота, 6 декември 2025

Европската комисија предлага заем или заедничко задолжување за Украина

Европската комисија денес предложи две можни решенија за финансирање на Украина во следните две години – заедничко задолжување од страна на Европската Унија, кое би било гарантирано од европскиот буџет, и заем за репарација со користење на замрзнатите руски средства.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За секое од двете решенија, Комисијата предложи пет законски текстови.

„Со денешниот предлог, ќе обезбедиме Украина да има средства да се одбрани и да ги продолжи мировните преговори од позиција на сила. Предлагаме решенија кои ќе помогнат во покривањето на финансиските потреби на Украина за следните две години, ќе го поддржат нејзиниот буџет и ќе ја зајакнат нејзината одбранбена индустрија, како и нејзината интеграција во европската одбранбена индустриска база“, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен.

„Предлагаме заем за репарација, со користење на готовина поврзана со замрзнатите руски средства во ЕУ, со силни заштитни мерки за нашите земји-членки“, изјави Фон дер Лаен. Од самиот почеток, Комисијата претпочита користење на руските средства пред заедничкото задолжување, на што се спротивставуваат повеќето земји членки.

Комисијата наведе дека законските предлози вклучуваат голем број заштитни мерки за земјите членки и финансиските институции од можни одмазднички мерки во Русија и од нелегални експропријации надвор од Русија, особено во пријателски настроени јурисдикции.

За да се покрие секој преостанат ризик, пакетот вклучува механизам за солидарност поддржан од билатерални национални гаранции или буџетот на ЕУ.

Дури и пред објавувањето на предлозите на Комисијата, Белгија објави дека заемот за репарација е „најлошото можно решение“.

„Се чувствуваме фрустрирано што не нè послушаа“, кажа белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево по пристигнувањето на состанокот на НАТО.

Белгија, каде што се замрзнати поголемиот дел од руските средства, од самиот почеток се спротивстави на идејата за заем за репарација со користење на тие средства, плашејќи се од можните последици доколку арбитражниот суд одлучи дека парите мора да се вратат во Русија.

Предложениот пакет се состои од предлог за регулатива за воспоставување заем за репарација, потоа предлог за забрана на какво било префрлање на замрзнати средства на руската централна банка назад во Русија.

Потоа, два предлози што содржат мерки за заштита на членките на ЕУ и финансиските институции од можни одмазднички контрамерки.

Два предлози за измена на регулативата од 2014 година, која се однесува на рестриктивни мерки во однос на активностите на Русија кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, ќе бидат објавени од Комисијата кога Советот ќе заземе став за неа.

Пакетот вклучува и предлог за промена на сегашната повеќегодишна финансиска рамка со цел да се овозможи користење на буџетот на ЕУ за поддршка на заемот за Украина, кој би можел да се користи за двете предложени решенија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ