понеделник, 5 мај 2025

Европската комисија е загрижена поради протерувањето на Хрватите од Србија

Европската комисија е загрижена поради протерувањето на хрватските државјани од Србија обвинети дека претставуваат ризик за националната безбедност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Загрижени сме поради извештаите за случаите на протерување на граѓани на Европската Унија на кои српските власти им наредиле да ја напуштат територијата бидејќи наводно претставуваат безбедносен ризик“, изјави портпаролот на ЕК Гијом Мерсие.

„Мерките кои се преземаат поради интересите на националната безбедност мора да бидат во согласност со законската рамка на Србија и во согласност со европските и меѓународните стандарди за човековите права, а таквите мерки не смеат да ја ограничуваат слободата на движењето на поединците, вклучувајќи ги и странските државјани“, додаде Мерсие.

Српските власти во последните три месеци протерале 15 хрватски државјани под обвинение дека претставуваат безбедносен ризик. Последниот таков случај е од оваа недела кога беше протерана хрватската државјанка Ариен Стојановиќ Ивковиќ, која е омажена во Белград и има малолетно дете.

Српските власти ѝ дале рок од една недела да ја напушти територијата на Србија и ѝ забраниле влез во земјата на една година со објаснување дека „претставува неприфатлив безбедносен ризик“.

Стојановиќ Ивковиќ верува дека решението за протерување следело откако јавно ги поддржала студентите кои со повеќемесечни протести бараат справување со корупцијата и средено општество во кое институциите ќе дејствуваат без притисоци и политичко влијание.

„Ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и нема да се колебаме да ја изразиме нашата загриженост до српските власти на највисоко ниво, доколку е потребно“, кажа портпаролот на Европската комисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ