Во мај, ЕЦБ предупреди дека „ненадејните промени во царинската политика на Соединетите Американски Држави, како дел од пошироките промени во геополитичката средина, со економски и финансиски последици“, во иднина би можеле да ја „тестираат“ финансиската стабилност на еврозоната.
Инвеститорите во некои случаи „нетипично“ повлекуваат пари од средства што традиционално се сметаат за безбедни, како што се американските државни обврзници и доларот, изјавија експертите на ЕЦБ во извештајот објавен во мај.
Некои банки во еврозоната „имаат силни меѓународни врски“ бидејќи посредуваат во добивање ликвидност во долари, но пазарот во моментов функционира правилно и нема знаци на проблеми во пристапот до финансирање во странска валута преку репо зделки и девизни замени, и покрај флуктуациите во другите пазарни сегменти, проценија тие во тоа време.
Неизвесноста создадена од трговските мерки се намали од април, но сè уште не е целосно стивната и може повторно да се интензивира, заклучи потпретседателот на ЕЦБ Луис де Гиндос во најновиот извештај за финансиска стабилност.
ЕЦБ предупредува дека банките можеби ќе имаат потреба од поголем простор за маневрирање за да апсорбираат посилни валутни осцилации и да го ублажат ризикот кој произлегува од нивната улога како посредници на финансиските пазари.
„Банките треба да чуваат ликвидни средства во американски долари за да го амортизираат одливот и да дејствуваат како стабилизирачки посредник“, соопшти ЕЦБ.
Американските пазари на капитал „во голема мера“ ги обликуваат условите за финансирање во светот, бидејќи прагот на реалните каматни стапки на глобално ниво е поставен во САД, се наведува извештајот.
Во таква средина, ризикот за финансиската стабилност на Еврозоната би биле хаотични флуктуации на девизните курсеви и неповолен ефект врз конкурентноста на еврозоната во светската трговија, заедно со ненадејни промени во трошоците за финансирање за државите, компаниите и банките.
Во меѓувреме, доларот ослабе, со паралелен пораст на приносите на американските државни обврзници, па затоа се поставува сè почесто прашањето дали средствата деноминирани во долари го менуваат својот статус како безбедно засолниште за капиталот.
„Особено е важно за финансиската стабилност на еврозоната инвеститорите во еврозоната да држат износ еквивалентен на шест трилиони евра во хартии од вредност деноминирани во долари“, нагласија експертите од ЕЦБ.
ЕЦБ наведува дека банките мора да „одржуваат соодветни капацитети во своите биланси на состојба“ што ќе служат како амортизери за евентуални шокови.
Меѓу ризиците за финансискиот систем, авторите на извештајот уште еднаш ги истакнуваат надуените цени на акциите, високиот долг, царинските давачки и посебните видови криптовалути, таканаречените стабилни монети, кои се сè попопуларни, според Ројтерс.
Препораките наведени во извештајот не се обврзувачки за банките под надзор на ЕЦБ, додава Ројтерс.






