понеделник, 14 јули 2025

Европска комисија: Европа никогаш повеќе нема да се врати на рускиот гас

Европската комисија инсистира дека Европа никогаш повеќе нема да се врати на рускиот гас, најавувајќи планови за постепено укинување на увозот на фосилни горива од Русија до 2028 година, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Комесарот за енергетика на ЕУ Ден Јоргенсен изјави дека предложената забрана за увоз на руски гас ќе остане на сила без оглед на тоа дали ќе има мир во Украина или не.

Службениците на ЕУ потсетија на ситуациите кога Русија го прекина снабдувањето со гас во 2006, 2009 и 2014 година, како и намерното намалување на протокот во 2021 година пред целосната инвазија на Украина, што придонесе за нагло зголемување на цените на енергијата и зголемување на инфлацијата низ целиот континент.

Според предлозите, на европските компании ќе им биде забрането да увезуваат руски гас или да обезбедуваат услуги на ЕУ терминалите за течен природен гас за руски клиенти. Сите договори потпишани од сега па натаму ќе мора да бидат раскинати до 1 јануари 2026 година, додека компаниите со постоечки договори имаат рок до 1 јануари 2028 година.

Предлогот наиде на спротивставување од Унгарија, Словачка и Австрија, но се смета дека тие земји немаат доволна поддршка за да го блокираат планот да стане закон на ЕУ.

Јоргенсен рече дека плановите за постепено укинување на руските фосилни горива не се одговор на руската инвазија на Украина.

„Ова е забрана што ја воведуваме затоа што Русија ја користеше енергијата како оружје против нас, затоа што Русија ги уценуваше членките на ЕУ и затоа тие не се доверлив трговски партнер“, рече тој. „Тоа исто така значи дека без разлика дали има мир или не – а сите се надеваме дека ќе има – оваа забрана ќе остане на сила.“

Увозниците од ЕУ ќе мора да им обезбедат на царинските службеници детални информации за изворот на гасот за да спречат обиди за продажба на руски гас под ново знаме.

Се очекува околу 13% од увозот на гас од ЕУ во 2025 година да дојде од Русија, во споредба со 45% во 2021 година. Иако Европа го намали увозот на гас од Русија преку гасоводи, таа купи рекордни количини руски течен природен гас во 2024 година, што покренува прашања за посветеноста на ЕУ кон Украина и климатските цели.

Комисијата изрази верување дека европските компании што ги раскинуваат долгорочните договори за гас нема да бидат одговорни за штети. Јоргенсен рече дека забраната на ЕУ е надвор од контролата на која било поединечна компанија. „Не се тие оние што го кршат договорот, тоа е навистина виша сила“.

ЕУ, исто така, сака целосно да го прекине увозот на руска нафта до 2028 година, во споредба со 3% денес и 27% во 2021 година.

Сепак, најновиот предлог не го отстранува ослободувањето од ембаргото за увоз на нафта што ЕУ им го додели на Унгарија и Словачка, пишува Гардијан.

Кога ЕУ договори ембарго за увоз на нафта во март 2023 година, на овие земји од Централна Европа им беше доделено ослободување што им овозможува да продолжат да се снабдуваат преку гасоводот од советската ера Дружба. Ова ослободување, договорено во рамки на режимот на санкции на ЕУ, не може да се укине со ова законодавство, кое има различна правна основа.

Унгарија и Словачка остро ги критикуваа плановите на ЕУ за постепено укинување на фосилните горива. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто тврдеше дека унгарските потрошувачи би можеле да платат четири пати повеќе и објави видео на социјалните медиуми со драматична музика. Претставниците на ЕУ ги отфрлаат тврдењата дека цените ќе се зголемат.

Австриското министерство за енергетика со поблаг тон за Фајненшл тајмс изјави дека ЕУ треба да биде отворена за продолжување на увозот на руски гас доколку се постигне договор за прекин на војната во Украина.

Сепак, Лена Шилинг австриска пратеничка од Зелените и поранешна активистка на движењето Петок за иднината, го нарече таквиот став кратковид и морално неодговорен. „Дали ништо не научивме од бомбардираните болници, киднапираните деца и агресивната војна во срцето на Европа?“, праша таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ