понеделник, 15 декември 2025

Европа: За време на екстремниот топлотен бран поради жештините починаа 2.300 лица

Климатските промени речиси тројно го зголемија бројот на смртни случаи поврзани со жештините во големите европски градови за време на екстремниот топлотен бран од крајот на јуни до почетокот на јули, според новото истражување објавено во средата. Научници од Обединетото Кралство, Данска, Холандија и Швајцарија ги анализирале условите во 12 големи европски градови помеѓу 23 јуни и 2 јули.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Студијата на Империјал колеџ во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина ги вклучи, меѓу другите, Барселона, Мадрид, Лондон и Милано, каде што истражувачите рекоа дека климатските промени ги зголемиле температурите од топлотниот бран до 4 степени Целзиусови.

Се проценува дека 2.300 лица починале од причини поврзани со топлина во текот на 10-дневниот период, а околу две третини од смртните случаи, околу 1.500 лица, се припишуваат на климатските промени.

Температурите во многу градови се искачија до екстремни нивоа во овој период, честопати надминувајќи 40 степени Целзиусови.

Без глобалното затоплување, за кое студијата вели дека ги зголемило дневните температури во градовите за дополнителни 1 до 4 степени Целзиусови, околу 800 луѓе би умреле од топлотен удар, според пресметките на научниците.

За анализа, тимот ги споредил реалните температури измерени во градовите во тој период со моделирани вредности што би се случиле без климатските промени. Потоа го пресметале очекуваниот број на смртни случаи поврзани со топлината за двете сценарија.

Неодамнешниот топлотен бран особено ги погоди ранливите групи, како што се луѓето со претходни здравствени проблеми и постарите лица. Според тимот, 88 отсто од проценетите смртни случаи се случиле кај луѓе на возраст од 65 години и повеќе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ